Розов пикник во чест на сите жени што се борат со ракот на дојка за поддршка на сите оние кои секојдневно се соочуваат со болеста организираа денеска во Градскиот парк во Скопје ХЕМА-ОНКО – здружение посветено на пациентите со рак и нивните негуватели со поддршка на Mediсus Help.
На настанот присуствуваа жени од повеќе градови во земјата.
– Имаме многу работа. Се уште немаме направено исчекори во промените и во здравствениот систем и во Законот за здравствена заштита и во скрининг програмите и во позитивната листа па дури и во начинот на кој што онкологија е организирана, односно дисперзијата. Доброто е што оваа година имавме некакви чекори напред, посебно за пациентките со рак на дојка, коишто оваа година ја добија нивната хормонската терапија во аптеките блиску до домовите. Успеавме да вклучиме во лекувањето уште една група на пациенти со триплнегатив канцер коишто имаат генетски зависен карцином. Овие пациентки кои не се повеќе од педесетина исто така оваа година за првпат добија терапија што може да ја подигаат на Клиниката за онкологија – рече Ама Марјановиќ од ХЕМА-ОНКО.
Од организацијата нагласуваат дека ќе работат уште поактивно за да се подобрат лекувањето, превенцијата и рехабилитацијата на пациентите болни од рак.
Марјановиќ уште повтори дека пациентките за кои има сомнежи дека имаат рак на дојка не треба да се препраќаат на хирургија туку на онкологија, дека треба да се набават тумор бордовите, да се направат мултидисциплинарни тимови, како и скрининг програма.
– Во овој момент во Македонија задолжителна скрининг програма не постои и тоа е навистина проблем. Ние веќе преговараме оваа скрининг програма да стане облигаторна за сите граѓани од 40 до 69 години, исто така да стане облигаторна за матичните лекари, односно тие да ја водат грижата за своите пациентки. Се преговара со тимовите од радиологија да се изнајдат доволно термини, рече Марјановиќ.
Таа скрининг програма, додаде, треба да биде ефикасна, реална, ќе бидат опфатени сите пациенти, ќе биде долгорочна и ќе даде вистински резултати.
– Доколку канцерот се дијагностицира во нулти или во прв стадиум сите знаеме дека прогнозите се извонредни, дека овие пациенти ќе можат да продолжат со својот живот како никогаш да го немале, рече Марјановиќ.