Норвешкиот Хелсиншки комитет, норвешката ЛГБТ организација и Амнести интернешнл – Норвешка, им пишаа на премиерот Никола Груевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и на Јавниот обвинител Марко Зврлевски поради последниот напад врз ЛГБТ-заедницата во скопското кафуле „Дамар“, минатиот месец.
Во писмото се вели дека од Македонија се очекува да ги почитува човековите права на сите граѓани.
„Не можеме да видиме дека земјата презема значителни чекори за решавање на проблемите кои беа укажани во Извештајот на Европската комисија: луѓето од ЛГБТ-заедницата се жртви на кривични дела поттикнати од омраза, говор на омраза, хомофобија и трансфобија и отежнати услови за работење на граѓанските организации. Законот за заштита од дискриминација не ги вклучува сексуалната ориентација и родовата припадност, а истите не се вклучени ниту во легислативата за кривични дела поттикнати од омраза“, се вели во дописот.
Организациите ја повикуваат Владата, полицијата и обвинителство јавно да ги осудат сите акти на насилство, да спроведат соодветна истрага на кривичните дела поттикнати од омраза и соодветно гонење на сторителите.