Претседателот Ѓорге Иванов да ја повлече аболицијата и политичките лидери да го бараат излезот од политичката криза во Договорот од Пржино, со конечна цел – фер и демократски избори, или во спротивно би имало многу негативни последици, порачува специјалниот германски пратеник за Македонија Јоханес Хајндл во интервју за Дојче Веле.
-Станува збор за имплементацијата на централните елементи на Договорот од Пржино. Но тука, за жал, има несогласување меѓу политичките актери – и покрај тоа што тие го ставија својот потпис под овој Договор. А она што го наведува овој Договор е јасно. Оние, кои се осомничени во врска со скандалот со прислушувањето, треба кривично-правно да бидат повикани на одговорност. Со таа цел партиите и се согласија да се формира Специјално јавно обвинителство. СЈО треба без пречки и со целосна поддршка од македонските институции да може да ја извршува својата работа. Априлската амнестија за политичарите од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов ги поткопува овие напори и не е во согласност со Договорот од Пржино. Затоа мора итно да се најде решение кое ќе овозможи кривичен прогон. Понатаму, мора да има нови фер и слободни избори според меѓународни стандарди, и за тоа мора да бидат исполнети соодветните услови, на пример да се прочистат избирачките списоци, да се обезбеди независност и неутралност на медиумите и еднаков пристап во нив за сите политички сили – вели Хајндл.