Груевски зема замав после анкетата на ИРИ, дали странците го „плашат“ Мицкоски?!

Во последниот број на неделникот „Фокус“ објавивме дека Никола Груевски контактирал со поранешен министер во владите на ВМРО-ДПМНЕ, кому му посочил да размисли да го предизвика Христијан Мицкоски.

by Фокус

Откако на анкетата на ИРИ Никола Груевски имаше највисок индивидуален рејтинг, повисок и од сите активни политичари, тој почна засилено да се огласува на Фејсбук, па дури новогодишно најави и можно враќање во земјава.

„Денес низ различни медиуми и апликации добив стотици и илјадници топли честитки со искрени желби за здравје, среќа, успех и враќање во Македонија, во новата 2023 година. Ништо не е невозможно. Сѐ е Божја промисла и за секој од нас Бог има некаков свој план, понекогаш дури и кога сѐ изгледа безнадежно“, порача Груевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ваквите анкети ги толкуваат како порака до актуелниот лидер Христијан Мицкоски, кому, како што неофицијално велат од таму, треба да му биде дадено до знаење дека во секое време можат да му го вратат ако не е кооперативен за уставните измени.

Инаку, „Фокус“ своевремено го најави бегството на Груевски неколку месеци пред да се случи, а сега објави сторија дека претставници од ДУИ и власта го тестираат неговото расположение да помогне за уставни измени, за да добие одредени концесии за возврат.

Иако Груевски го демантираше тоа, сепак, упатените велат дека размислува да влезе во дил со власта, откако му било јасно дадено до знаење дека никој од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја ризикува политичка кариера, за да се стави во негова заштита.

Во последниот број на неделникот „Фокус“ објавивме дека, според новите информации со кои располагаме, тој контактирал со поранешен министер во владите на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше во игра за негов наследник, ама се повлече од трката. Сега, Груевски му сугерирал да размисли да го предизвика Мицкоски за партискиот трон.

Исто така, пишувавме за причините поради кои Зоран Заев се разидува од неговиот наследник на лидерската позиција во СДСМ и на премиерската функција Димитар Ковачевски, како и за причините поради кои се врти кон поранешниот главен политички ривал Мицкоски.

Имено, лобирањето за блиски компании и функционери биле дел од причините за заладувањето на односите меѓу Заев и Ковачевски, но Заев најмногу му замерил на Ковачевски што дозволил Миле Зечевиќ да лобира за нов директор на АНБ, а Али Ахмети да истурка свој обвинител за организиран криминал.

Како моментално решение за амортизирање на кризата, Заев го смета жртвувањето на Зечевиќ, а на негово место да дојде поранешниот министер за здравство Венко Филипче, но нема такво расположение кај актуелното раководство.

Иако размислувал да активира пратеници, членови на Централниот одбор и други блиски сопартијци, на кои изминатиот период им се јавувал, сепак, Заев привремено се повлекол, делумно и по сугестии од меѓународната заедница, која моментално не поддржува враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт поради нивниот отпор кон уставни измени.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости