Патот на власта до уставни измени оди преку „нож во грб“ во опозицијата?!

СДСМ и меѓународната заедница активно работат на обезбедување двотретинско мнозинство. Во таа насока, активирани се комуникациски канали и со Груевски, кој неодамна бил посетен од функционер на ДУИ. Што говорат неофицијалните информации на „Фокус“?

by Фокус

На што се темели оптимизмот на Владата и на меѓународната заедница дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за уставни промени, со оглед дека за тоа потребна е поддршка од најмалку 6 пратеници од опозицијата, чиј предводник Христијан Мицкоски тврди дека ниту еден негов пратеник нема да гласа за влез на Бугарите во Преамбулата под овие услови, па дури најавува повлекување од политиката ако тоа се случи?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Како што пишува најновиот број на неделникот „Фокус“, власта заедно со надворешните партнери активно дејствуваат во насока на создавање атмосфера за промена на Уставот, што, според „францускиот предлог“, е услов за отворање на преговарачките поглавја со ЕУ. Ако таквиот амбиент не го одоброволи Мицкоски да учествува во процесот, под гаранции дека македонскиот идентитет и јазик се бетонирани, тогаш се разработуваат и резервни варијанти.

Според нашите неофицијални информации, се активираат комуникациски канали и со поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој веќе неколку години е унгарски азилант. Односно, власта и странците го тестираат дали е расположен да помогне, доколку му обезбедат терен да се врати како слободен граѓанин, со одредени концесии во судските процеси и идни конфискации.

Имено, високи партиски извори откриваат дека во посета на Груевски во Будимпешта скоро бил пратеник од редовите на ДУИ, кој воедно е поранешен градоначалник и сопственик на нафтена компанија, која во меѓувреме му ја препушти на неговиот син. Впрочем, тој и Груевски со години имаат блиски и коректни односи.

Притоа, нашите сознанија говорат дека имало две главни теми на разговор. Една од нив била носењето урбанистички план во рамки на Општина Карпош, каде што посетителот од ДУИ има свој бизнис-интерес, а Груевски сѐ уште одржува редовна комуникација со градоначалникот Стевчо Јакимоски. Но, станало збор и политичките процеси, вклучително и за уставните измени.

Ако Груевски учествува во таков план и операцијата успее, тогаш, според познавачите, повеќе од сигурно е дека Мицкоски целата вина ќе ја префрли кон него, како што ја префрли врз неговиот братучед Сашо Мијалков, кога, како што е познато, се изврши промена на Уставот според Преспанскиот договор со помош на 8 вмровски пратеници. Ако тој одбие да биде дел од ваков план, пак, тогаш се споменува уште едно сценарио.

Ако не обезбеди бројки, власта размислува решението да го бара преку парламентарни избори. Од една страна, ќе биде проевропската коалиција на СДСМ и ДУИ, а од друга ВМРО и Левица. Но, упатените велат дека на сцена треба да настапи „проевропска“ вмровска структура, која преку нова партија или независна листа ќе се обиде да му откине гласови на ВМРО.

Во едно екстензивно фејсбук-обраќање, Груевски деновиве наведе дека се рашириле, како што ги нарече, лаги дека со него преговарале структури од актуелната власт или странски преставници, со цел, посочи тој, да се постигне наводен договор во кој тие би изработиле прекин на политичкиот прогон кон него, ако помогнел „за носење штетни за македонската нација одлуки во парламентот или создавање кризи во ВМРО-ДПМНЕ“.

Такво нешто не постои. Ниту сум имал такви разговори со претставници на СДСМ или некој од власта, ниту со некои преставници на други држави. А и доколку имало, тоа сигурно ќе било одбиено! Впрочем доколку јас сакав на таков начин да го запрам политичкиот прогон кон мене, имав шанси, имав прилики и понуди уште додека бев во Скопје“, напиша Груевски.

По објавувањето на текстот во „Фокус“, тој го сподели истиот фејсбук-статус. Но, за потсетување, само неколку месеци откако на 24 август 2018 година ја објавивме сторијата со наслов „Дали власта ќе го пушти Груевски да избега во Унгарија, ако пратеници на ВМРО-ДПМНЕ го поддржат договорот со Грција“, Груевски на 13 ноември се јави дека е во Бидумпешта. Во меѓувреме, неговиот братучед Мијалков беше исклучен од партијата, бидејќи влијаел врз вмровски пратеници да ги поддржат уставните измени.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости