АРХИВА Дали власта ќе му дозволи на Груевски да избега во Унгарија ако пратеници на ВМРО-ДПМНЕ го поддржат договорот за името?

by Фокус 14:18
14:18

Текстот е објавен на 24.08.2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1194

Откако пропадна обидот за амнестија на обвинетите во СЈО со официјална одлука или мерка, поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ почна да заговара бојкот на референдумот, за да може да се пазари кога парламентот ќе одлучува за уставни измени. Фокус уште тогаш пишуваше дека Груевски подготвил терен за бегство во Унгарија, само прашање беше дали ќе му биде дозволено да стаса до планираната дестинација. Откако судот не успеа да му достави решение за одлежување на двегодишната затворска казна, а полицијата не успеа да го пронајде во неговиот дом, на официјалниот фејсбук-профил на Груевски осамна статус дека тој се наоѓа токму во Бидумпешта, каде бара политички азил.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Иако прва го промовираше референдумот како завршна фаза од процесот на надминување на спорот за името со Грција, ВМРО-ДПМНЕ почна да калкулира околу плебисцитарното изјаснување откако владата на СДСМ постигна договор со Атина. Едноставно, од опозициската партија одбиваат да соопштат дали ќе повикаат народот да го поддржи или да го отфрли договорот од Преспа или, пак, да го бојкотира референдумот. Впрочем, партискиот лидер Христијан Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ставот ќе го формира до почетокот на кампањата следниот месец, оставајќи ги дополнителен простор за тактизирање.

Имено, од ВМРО-ДПМНЕ досега јасно истакнаа дека нивната стратешка определба е интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО, но, од друга страна, оценија дека договорот за името е спротивен на македонските национални интереси, главно поради трајната промена на уставното име за севкупна употреба. Во ситуација кога референдумското прашање го доведува во корелација договорот за името со евроатланските интеграции, опозициската партија има потешкотии јасно да се определи на референдумот, бидејќи е за членство во ЕУ и НАТО, но истовремено е против договорот, што всушност претставува средство за остварување на оваа цел.

Затоа, од таму бараат референдумското прашање да се однесува само на договорот со Грција, околу кој граѓаните ќе се изјаснат дали го прифаќаат или го отфрлуваат. Сепак, парламентарното мнозинство одлучи договорот да го стави во контекст на евроатлантските интерации, како услов за членство во организациите со седиште во Брисел, па вмровското раководство најави дека допрва ќе одлучува дали ќе повика да се гласа против, да се бојкотира референдумот, или, пак, можеби да се остави секој член и граѓанин самостојно да одлучи. Засега, одредени партиски и јавни функционери промовираат лични ставови околу референдумот, кои лавираат од учество на референдумот до бојкот.

Арно ама, според владејачкиот СДСМ, најголемата партија не се колеба поради начинот на кој е формулирано референдумското прашање, туку поради тоа што се обидува да избоксува амнестија за обвинетите лица во предметите на Специјалното јавно обвинителство, кои претежно му припаѓаат на претходното партиско раквоодство на чело со Никола Груевски. Од опозициската партија, пак, велат дека тоа е измислица на власта за да ги покрие криминалните и корупциски скандали што избија во јавноста. Сепак, и информации од самата владејачка партија говорат дека поранешното, но и дел од актуелното партиско раководство, се обидува да издејствува амнестија или поточно спас од одговорност, продавајќи поддршка за договорот со Грција за слобода.

АКТИВНО УЧЕСТВО ИЛИ БОЈКОТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ?

Паралелно со подготовките на кампањата за претстојниот референдум закажан за крајот на септември, најголемата опозициска партија – ВМРО-ДПМНЕ, спроведе внатрепартиска кадровска чистка. Станува збор за разрешување на петнаесетина членови на секретаријатот на партијата со кој раководи генералниот секретар Игор Јанушев. Официјалното образложение на партиското раководство гласи дека станува збор за разрешување на потсекретари и на организацискиот секретар поради неактивност и неисполнување на работните задачи, меѓутоа некои партиски функционери уверуваат дека причините се сосема поинакви.

Според партиски извори, партиското раководство ги елиминира главно припадниците на таканареченото реформаторско крило, кои после лидерската промена беа интегрирани во партиските тела и органи. Додека партискиот врв се уште е неодлучен каков став ќе заземе за референдумот, а некои истакнати лица како пратеникот Антонијо Милошоски и ветеранот Мане Јаковлески јавно се залагаат за бојкот, оваа групација бара активно учество на претстојниот референдум. Нивниот експонент Костантин Богданов, кој патем е член на партискиот Извршен комитет, јавно побара граѓаните да преземат одговорност и да излезат на гласање.

Пред да се одржат лидерските средби на кои политичките партии се договорија за изборните правила на игра и за начинот на финансирање на партиите, но не и за формулацијата на референдумското прашање, Мицкоски јавно порача дека ќе гласа „против“ на референдумот за договорот со Грција. Иако овој став на партискиот лидер е на иста линија со заговорниците за учество на референдумот, сепак, партискиот врв одлучи да изврши удар врз оваа група. Во меѓувреме, се смени тоа што политичките партии не постигнаа договор за референдумот, но и за индиректна амнестија преку измена на членови на Кривичниот законик, поради што партискот врв сега ја остава отворена и опцијата за бојкот.

Секако, на крајот стои отворена и можноста Мицкоски да не заземе јасен став, туку да ги остави сите да одлучат како ќе се однесуваат на референдумот според сопствено убедување, како што направи со протестите пред седиштето на ЕУ поради притворањето на обвинетите за крвавите настани во парламентот на 24 април. Проценките говорат дека доколку партијата или одредена партиска иницијатива повикаат да се гласа „за“ договорот, на гласање ќе излезат максимум 50.000 гласачи, но ако повикаат да се гласа „против“, тогаш може да се очекуваат 200.000 гласачи. Доколку партиското раководство не заземе јасен став, а повеќе партиски функционери и табори водат своја кампања, тогаш никој не може да процени какво ќе биде влијанието на опозициската партија врз референдумот.

НЕМА ЦЕНЗУС БЕЗ ГЛАСОВИТЕ „ПРОТИВ“

Врз основа на резултатите на последните изборни циклуси, како и на најновите испитувања на јавното мислење, аналитичарите велат дека доколку ВМРО-ДПМНЕ повика на бојкот на референдумот нема да се постигне цензусот, што во превод значи на гласање да излезат околу 900.000 граѓани. Тие посочуваат дека СДСМ со своите традиционални коалициски партнери може да мобилизира околу 450.000 гласачи. Доколку сите албански партии ги извлечат оние 250.000 гласачи, кои гласаат за албанските партии на последните избори, тогаш се доаѓа од бројка од 700.000 гласови. Оттука, за да се обезбеди цензусот, потребно е да гласаат околу 200.000 членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, кои би се анимирале со повик за гласање „против“.

Имајќи го тоа предвид, факт е дека повеќе граѓани ќе бидат „за“ отколку „против“ на референдумот, меѓутоа од ВМРО-ДПМНЕ зависи дали на гласање ќе излезат потребните 900.000 гласачи, за референдумот да има целосен легитимитет и да не биде предмет на оспорувања. Доколку тоа не се случи, владините функционери веќе најавија дека договорот нема да падне, бидејќи тоа може да се случи само доколку повеќе граѓани се изјаснат „против“ на референдумот. Така, по евентуален референдум, на кој мнозинство од гласачите би дале поддршка на договорот, ама патем не се постигне цензусот од 50 отсто, процесот не застанува, туку продолжува во рамките на институциите, односно во парламентот.

Од тој аспект, доколку ДПМНЕ навистина смета дека договорот со Грција е погубен за македонската држава и за идентитетот, или, пак, доколку сака да го поткопа поради тоа што не добила амнестија, тогаш и останува веднаш да повика и да се залага за бојкот. Со ваквото тактизирање, партиското раководство не сака да се замери со дел од групациите и членовите, кои би ги оддалечила доколку заземе ваков или онаков став. Друга причина би можела да биде тоа што опозициската партија сака да биде против договор во јавноста, но всушност навива се да помине во време на друга влада, за ДПМНЕ да не понесе товар, со оглед дека поголем дел од членството е против договорот.

Арно ама, со ваквото неодредено однесување Мицкоски се става во уште потешка ситуација, бидејќи од една страна тој е мета на обвинувања на „тврдокорните“ дека игра лицемерна игра со цел да помогне да помине референдумот, додека од друга, трпи обвинувања од про-ЕУ и про-НАТО крилото дека со колебливо однесување ја урива историската шанса за евроатланската интеграција на земјава. Но, во ситуација кога поголем дел од партиското членство е против влез во ЕУ и НАТО по цена на уставното име, а меѓународната заедница вложи голема енергија за да се псотигне договорот од Преспа, единствено што му останува на Мицкоски е да не зазема став, бидејќи во спротивно ќе загуби поддршка во партијата или однадвор, без што никогаш не може да стане премиер.

ПЛАН ЗА БЕГСТВО

Добро упатени соговорници велат дека откако СДСМ се спротивстави на секоја варијанта на директна и индиректна амнестија за обвинетите во случаите на СЈО и за случувањата во парламентот на 24 април, поранешниот премиер Груевски, неговиот прв братучед Сашо Мијалков и други поранешни функционери заговараат бојкот на референдумот. На тој начин, како што објаснуваат тие, треба да се оспори легитимитетот на референдумот и фокусот да се префрли во парламентот, каде пратениците треба да одлучат за уставните измени што ги предвидува македонско-грчкиот договор за името. Математиката вели дека за да поминат овие уставни измени, потребно ќе биде да ги поддржат барем петмина пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно кон мнозинството ќе се приклучат албанските опозициски партии и предизборните коалициски партнери на ДПМНЕ.

Освен ако мнозинство од граѓаните гласаат „против“ на референдумот, на кој би излегле 900.000 гласа, во секоја друга варијанта уставните промени согласно договорот за името ќе стасаат на дневен ред пред пратениците. Дополнително, ако мнозинство од граѓаните гласаат „за“ на референдумот со постигнат цензус, тогаш пратениците ќе треба да ја почитуваат и да ја спроведат волјата на народот. Но, доколку не излезат доволно граѓани на гласање, ама повеќе од тие што гласале го поддржале договорот, неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да бидат „наговорени“ да ги прифатат уставните промени.

Во таква варијанта, се поставува прашањето дали СДСМ ќе чека со скрстени раце да проработи совеста на неколку вмровски пратеници и да гласаат за уставни промени, или, пак, самостојно ќе почне да ги убедува тоа да го сторат со помош на непринципиелни понуди, или, пак, со помош на меѓународната заедница? Но, ако ништо од тоа не даде резултат, дали може да побара или да прифати, сеедно, помош од некој што може да му ги обезбеди потребните пратеници за да се заокружи процесот? И каква ќе биде цената за тоа, ако се знае дека владата веќе отфрли било каква амнестија, особено откако и Европската унија побара недвосмислена борба со организираниот криминал и ефективни судски процеси и пресуди во случаите со висока корупција?

Кога амнестијата е ставена настрана преку одлука на официјални државни органи или со законско решение, единствено останува можноста за таканаречено дозволено бегство. Во тој контекст, упатените велат дека веќе извесно време е подготвен теренот во Унгарија, каде тамошната влада на Виктор Орбан со раширени раце би го пречекала и би му обезбедила засолниште на поранешниот македонски премиер Груевски. Како што е познато, Груевски како премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ имаше блиска соработка со Орбан и неговата партија ФИДЕС, во време кога и двајцата, повеќе или помалку, беа конфронтирани со меѓународната заедница. Неофицијално дознаваме дека близок соработник на Груевски неодамна остварил тајна посета на оваа истоечноевропска држава.

ПОСАКУВАНА ДЕСТИНАЦИЈА

Инаку, владата на Орбан долго време води политики и спроведува мерки кои не се усогласени со Европската унија, поради што се јавија и размислувања да и се одземе правото на глас на оваа држава во Советот на ЕУ. Дел од мерките што предизвикаа бура во Брисел се однесуваа против странските фондации предводени од Сорос и странскиите високообразовни институции, а последната капка што ја прелеа чашата е законот за азил поради мигрантските бранови. Според Орбан, ЕУ има голема вина за бегалската криза, зашто не ги заштитила границите.

Колку за потсетување, Орбан дојде лично да му даде поддршка на Груевски на последните локални избори, а по лидерската смена го поддржа и антивладиниот митинг организиран од Мицкоски. Во истиот период, медиумите што долги години важеа за блиски до ВМРО-ДПМНЕ, како „Курир“, „Нетпрес“, „Република“, ТВ Алфа, добија унгарски (ко)сопственици, кои се испостави дека се блиски до администрацијата на Орбан. Покрај тоа, се зголеми и основачкиот капитал на компаниите што ги поседуваат медиумите, кои останаа последен остров од некогашната моќна пропагандна машинерија на владата на Груевски.

Тоа е само еден од индикаторите дека бездруго постои силна врска меѓу унгарската влада и ВМРО-ДПМНЕ што би можела да проработи при евентуално бегство на Груевски. Случајно или не, и поранешните полициски функционери Горан Грујовски и Никола Бошковски беа фатени од грчката полиција на солунскиот аеродром, од каде требало да патуваат за Унгарија со лажни идентитети. Сепак, на крајот тие останаа на слобода и во Грција, зашто грчкиот Врховен суд оцени дека аболицијата на Ѓорге Иванов е се уште на сила.

Иако Груевски може да најде алиби за вакво бегство во судската пресуда против него, која би ја оценил како кулминација на политичкиот прогон, сепак, неизвесно е како би ја извел операцијата кога судот му го одзеде пасошот? Едната варијанта е да се обиде да избега илегално, што е тешко остварливо ако се знае дека се работи за поранешен премиер и обвинет во неколку судски предмети кој е под постојан надзор, освен, се разбира, доколку власта не ги затвори очите. Другата можност е тоа да го стори легално, но за тоа треба судот да му го врати пасошот, што би можело да дојде во предвид ако апелација ја укине првостепенета пресуда против него во предметот „Тенк“. Во секој случај, тој јасно порачал дека нема намера да оди во затвор!

Поврзани новости