Откако ја напушти Македонија и замина во Унгарија, која му даде азил веднаш по првата правосилна судска пресуда во земјава, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски комуницира со јавноста преку неговиот официјален фејсбук профил, преку кој всушност за првпат ја соопшти веста дека пристигнал во Бидумпешта, додека полицијата се уште го бараше да го спроведе во затвор.
Досега, тој ниту еднаш не ги прокоментира внатрепартиските состојби во ВМРО-ДПМНЕ, иако долг период имаше големи турбуленции, ниту кажал мислење за изминативе изборни процеси и резултати, без оглед дали неговата матична партија губела или победувала на изборите. Она за што тој обично се произнесува се некои настани во минатото во кои бил вклучен, или, пак, кога дава одговор на одредени искази и тврдења во судските предмети каде е обвинет.
Притоа, кога говори за тенденциозни и режирани судски процеси против него од страна на власта, Груевски споменува и „одредени медиуми“ како дел од хајката и прогонот што тој смета дека се водат со цел негово оцрнување. Така беше и пред неколку дена, кога реагираше по рочиштето одржано во рамки на предметот познат како „Плацеви на Водно“, каде е обвинет дека со пари од партиската каса купил земјиште на Водно.
„Досега обвинителството без никаков доказ тврдеше, поточно лажеше, а медиумите блиски до власта тоа го ширеа со сите сили, дека јас сум земал пари од партијата и сум го купил тоа земјиште преку фирмата „Сирах Лимитид“ и нејзината фирма во „Скопје Сирах Инжињеринг“. Има уште многу детали околу ова, но сите во правец на целосно демонтирање на обвинителниот акт“, напиша Груевски.
Инаку, тој споменува „медиуми под контрола на власта“ и во претходниот статус за истиот судски предмет, кога негираше дека партиски донации од над милион евра завршиле кај него како претседател на партијата, по што, според обвинителството, ги искористил за купување на плац на Водно. Поточно, тој истакна дека обвинителството презема сведоци од случајот за незаконско финансирање на партијата „Титаник“.
„Сега разбирам и зошто во борбата да им помогнат медиумите под контрола на власта, акцент ставија дека сум имал сеф во канцеларијата во поранешниот штаб (иако немав, а не гледам што е проблемот ако имав), па тоа треба да е некаков доказ дека демек треба да си претпостави секој дека сум чувал пари таму, како да ако некој нема сеф во канцеларијата, не може да чува пари“, напиша Груевски.
Згора на тоа, тој прави анализа на изборот на новинарски содржини на дел од медиумите, кои ги квалификува и етикетира како медиуми блиски до власта. Очигледно, нему му смета и реобјавување на стари текстови, иако тие покажуваат дека многу одамна се предупредувало на коруптивни практики при финансирање на политички партии и кампањи, кои денес само се потврдуваат во процеси каде поранешниот премиер е обвинет.
„Неверојатна хајка! Неверојатна по дебилноста како е обмислена. Дојдоа во ситуација нивните партиски медиуми како прва вест на нивните портали да вадат текстови од архивите, нешто што пишувале пред години, и да ги држат со саати и денови, само за да заличи нешто сомнително, да се создаде перцепција дека има некои незаконски дејства. Тоа значи дека свесни се дека се „соголени“ во нивната намера да судат и осудат луѓе без ниту еден доказ“, истакнува Груевски.
Иако тој не наведува кои се тие „медиуми под контрола на власта“, во тој контекст бездруго го споменува и Фокус, кој за време на „преродбата“ на Груевски ја третираше темата за сомнително финансирање на партијата и нејзините изборни кампањи, а времето само ги потврди наводите од овие стории, имајќи во предвид дека по политичките промени се покренаа постапки во чии рамки се презентираат докази за нелегално финансирање.
Како што е познато, главниот предмет за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ е „Титаник“, меѓутоа оваа теза се докажува и во процесот „Плацеви на Водно“, кој деновиве предизвикува голема нервоза кај Груевски. За потсетување, некогашните партиски функционери – Горадна Јанкулоска, Мартин Протуѓер и Влатко Чингоски сведочеа како партијата се финансирала и како се располагало со парите, а дури беше кажано дека некои донатори пари му давале лично на Груевски.
По тој повод, Фокус реобјави повеќе текстови од архивата, кои изнесуваат сомнежи за фиктивни донатори. Арно ама, Груевски смета дека го обвинуваат партиски обвинители, го судат партиски или уценети судии, сееедно, и на крајот – го оцрнуваат партиски медиуми. И, тоа го вели човекот во чие време медиумски газди и уредници беа на линија со „началникот“, кога јавно беа прозивани медиуми на кои не смее да им се верува и, конечно, кога една телевизија и 3 весници беа затворени.
РЕОБЈАВЕНИТЕ ТЕКСТОВИ ОД АРХИВАТА НА ФОКУС ШТО МУ ПРЕЧАТ НА ГРУЕВСКИ:
АРХИВА Како преку Ѓоргија, Гоце и Даниел, ВМРО ја пополни финансиската дупка?
АРХИВА: Земјоделци, редари и учителки дале по 1.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ
АРХИВА: Зеле субвенции, па „ископале“ по илјада евра за партијата
АРХИВА: Како Груевски, Ахмети, Еленовски и Петровски ги финансираа изборните кампањи?
АРХИВА: Кога го апсеа Љубе за незаконско финансирање, Груевци договориле донации од 30 медиуми!
Влатко Стојановски