АРХИВА: Кога го апсеа Љубе за незаконско финансирање, Груевци договориле донации од 30 медиуми!

by Фокус

Текстот е објавен во неделникот Фокус на 25-ти мај 2012-та година. 

Во рамки на судскиот предмет „Плацеви на Водно“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет дека со пари од партиски донатори стекнал плац на Водно, стана збор и за финансирањето на партијата. Во таа насока, некогашните партиски функционери – Горадна ЈанкулоскаМартин Протуѓер и Влатко Чингоски сведочеа како партијата се финансирала и како се располагало со парите, а дури беше кажано дека некои донатори пари му давале лично на Груевски. За време на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, Фокус редовно ја третираше темата за сомнително финансирање на партијата и нејзините изборни кампањи, а еден од овие текстови се однесува на кампањата за парламентарните избори во 2011 година.

Пишувале:
Јадранка КОСТОВА
Мирослава СИМОНОВСКА

Согласно народната мудрост, реафирмирана токму од премиерот Никола Груевски, дека „вистината е како шило, ќе врти, ќе врти и ќе излезе на виделина”, многу вистини за преродбеничките манири ќе ја здогледаат светлината на денот дури кога светлата на Илинденска 2 за нив ќе згаснат. Во меѓувреме, мали каменчиња од мозаикот ќе се пополнуваат, но, дури и кога ќе се насетува сликата, сите ќе се прават далтонисти.

Епилогот од ланските парламентарни избори на финансиски план беше убиствен за опозицијата, а благопријатен за власта. За подигнат кредит од банка, сдсмовците заработија кривична пријава, за пари добиени од пријател Љубе Бошкоски доби 5 години затвор, во крајно контроверзна полициско-судска процедура.

Од друга страна, партијата која најмногу потроши, ВМРО-ДПМНЕ остана со финансиска дупка од над три милиони евра, но, никој не ја гиба. На февруарската сесија за пратенички прашања, Груевски барем призна дека имаат долг кон одредени правни лица, но, не го откри нивниот идентитет, туку само вети дека тој изборен финансиски долг ќе го регулирале во иднина!

Со оглед на „транспарентноста” на ВМРО-ДПМНЕ, засилена со „агилноста” на антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија и медиумската заедница, Фокус се обиде да го реши овој енигматски забавник. Кому должи ВМРО-ДПМНЕ? Како и преку која сметка ќе ги покрие долговите? И од каде ќе собере три милиони евра за долгот „што треба да се регулира”? Како ќе го регулираат, а тоа да биде согласно Уставот и законите, кога изборната партиска сметка е затворена?

НАЈМНОГУ ИМ ДОЛЖИ НА НАЈГОЛЕМИТЕ ДОНАТОРИ!?

Според податоците достапни за јавноста, ем малку логично промислување, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е должник на едно чудо медиуми за нивното предизборно рекламирање. Најголемиот долг, сепак, е кон Канал 5 и Сител.

Околу 100 милиони денари Груевци ѝ должат на телевизијата на Стојменов, и околу 46 милион денари на телевизијата на Ѕинго, без оглед формално-правно кој фигурира како сопственик на овие медиумски куќи. Искажано во евра, тоа е над 1,6 милиони, односно, околу 750 илјади евра, т.е. вкупно – 2,4 милиони евра!

Зошто Груевски ги премолча овие детали? Им должи на неговите коалициски партнери, па, така земено и не звучи страшно. Арно ама, кога ќе ја погледнете целината на дупката, тогаш се јавуваат неколку проблематични елементи.

Прво, изборната жиро сметка треба одамна да им е затворена, а незаконски е доколку долговите се плаќаат од редовната партиска сметка. Уште повеќе, и доколку партијата прима донации на редовна сметка преку која би се раздолжувала за изборни борчови. И најмногу, ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да собере над три милиони евра, а толкави пари не се земаат со донации од физички лица – финта која веќе се избегнува како провалена и во регионални рамки.

Второ, оние на кои им должи се токму оние на кои најмногу им дава од буџетот под плаштот – владини реклами. Тоа е корупцискиот круг – тие на ВМРО-ДПМНЕ попуст за изборно рекламирање, а владата на Груевски ним реклами платени од буџет, значи од наши пари.

Трето, како што на Груевски му се лоши од дволичноста на НАТО, нам двојно ни се лоши од троличноста на контролорите на власта – медиумите, антикорупциската и сите останати, кои се однесуваат во стилот дека „тази вмровска дупка, не е дупка!”

И да одиме со ред. Согласно законот, партиите можат да потрошат во изборна кампања максимум по 327.801.000 денари. И тука вмровскиот извештај е во ред. Пријавија дека нивните изборни трошоци изнесувале 272.334.493 денари. При тоа, убедливо најголемата ставка е за реклами и пропаганда – дури 244.422.789, плус 15.560.680 денари за услуги за објавување на огласи.

Значи, 90 отсто отишло на рекламерството на груевци. Она што боде очи е податокот дека за овој луксуз тие главно не плаќале. Се рекламирале, дури добивале и огромни попусти од медиумите, што се смета како донација, а долговите тешки дури 204 милиони денари – останале!

Можеби сите овие бројчиња ви создаваат хаос, но, тие се основата за натамошните анализи. Имено, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ потрошила барем четири пати повеќе пари отколку што собрала преку донации.

Тие ниту имале пријатели како Љубе, ниту се дрзнале да земат кредит, па, оставени само на своите членови и симпатизери, успеале да соберат едвај 68.032.600 денари. Околу 530 физички лица дале пари за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, а како правни лица фигурираат триесетина медиуми преку донации во услуги, во што, всушност, се сметаат и спомнатите попусти за рекламирањето.

Најдарежливи донатори во услуги пак, разбирливо се Сител со 20 милиони денари, а потоа и Канал 5 со двојно помалку, околу 10 милиони денари. Сепак, согласно освоените гласови, победничката коалиција доби и од буџетот 6.612.360 денари. Но, врти-сучи, пак остануваат долгови вредни околу 200 милиони денари!

КОЛКАВА Е ДОНАЦИЈАТА ОД НАША ТВ?!

И сега доаѓаме до поентата, барем во Изборниот законик, каде во членот 71 децидно стои дека „сите трошоци за изборната кампања ИСКЛУЧИВО ќе се покријат од средствата на жиро сметката за изборната кампања”. Впрочем, доколку некој се обиде да даде растегливо толкување на оваа одредба, дека може долговите да се затвараат и преку редовната сметка, тогаш чуму е воопшто посебна изборна сметка!?

Инаку, оваа посебна жиро сметка се затвора кога парите што им следуваат од буџетот ќе им легнат на сметката, изборна нели. Оваа буџетска операција е веќе извршена есента, минатата година. Значи, ВМРО-ДПМНЕ, како и сите други партии, треба да ја има затворено оваа сметка.

Исто така, треба да се разграничат изборната жиро сметка, која во случајот покрива една широка коалиција од политички партии, наспроти тековната жиро сметка на ВМРО-ДПМНЕ која треба да ги покрива секојдневните партиски потреби.

Во секој случај, се обидовме да дознаеме, дали долговите што медиумите после изборите ги пријавиле до Државната изборна комисија, главно во јуни, во меѓувреме се намирени и преку која сметка. Оние главните, како Канал 5 и Сител, нѐ игнорираа. Сепак, според разговорите со оние поситните, на медиуми на кои ВМРО-ДПМНЕ им должи од изборите помали суми, с ѐ уште не им е платено!

Најкоректно се разбравме со директорот на телевизија Телма, каде ВМРО-ДПМНЕ платила еден милион денари, но, останала должна уште 626.729 денари.

– Бројките ви се точни, долгот од рекламирањето за изборите не е намирен. Нашата политика е таква што не планираме да бидеме донатори ниту да простуваме долгови. За едни минати избори, ВМРО-НП ги дадовме на суд од истата причина. Ние соодветните побарувања ќе си ги оствариме – изјави Ристо Лазаров, директор на телевизија Телма.

Сопственикот на Телевизија Кочани Лазо Димитров, си чека 485.464 денари од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ама во петокот му било кажано од партијата дека долгот ќе биде подмирен. Ако не му платат, и тој ќе тужи. Како ќе му бидат исплатени парите (од која сметка), ако изборната е веќе затворена, ни тој не знае!

– Им понудивме на сите 10-15 проценти попуст за рекламите ако платат авансно, но одбија. Ако тужиме, ќе тужиме повеќе телевизии колективно, зашто така е полесно, вели Димитров.

Интересно е дека при вкрстено анализирање, постојат различни суми што ги пријавува ВМРО-ДПМНЕ и одделни медиуми. На пример, според партискиот извештај, Наша ТВ им е донатор со 1.400.000 денари.

Од друга страна, во рапортот на оваа телевизија стои двојно помала сума – 696.000 денари се наведени како попуст при рекламирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, според истиот „папир”, Наша ТВ побарува 2.177.000 денари од преродбениците!

Има и други вакви случаи, каде што Груевци велат дека добиле донација, а медиумот нема наведено такво нешто во својот извештај. Инаку, да потсетиме колку само антикорупциската комисија беше посветена во делкањето на разликите што се појавија во извештајот на СДСМ и Плус продукција и ТВ А1, за што покрена и кривични пријави!

ВЛАДИНИ РЕКЛАМИ КАКО ЛЕКСИЛИУМ ЗА ПАРТИСКИ ДОЛГОВИ

Во секој случај, долговите си стојат, а медиумите си молчат. Тешко е да се најде „маж” што ќе ја тужи ВМРО-ДПМНЕ. Згора на тоа, владините реклами се тука да „бајпасираат”. Да, оние со кои контактиравме признаа дека се клиенти на владиното рекламерство. Но, Антикорупциската до сега не виде ни грам сомнеж за некаков корупциски круг.

За илустрација, кога ја прашавме сопственичката на една локална телевизија за долгот од ВМРО-ДПМНЕ, таа рече дека такви информации не би делела со јавноста од страв да не секнат државните реклами, кои таму и тоа како се слеваат!

И доаѓаме до уште еден бисер. Илија Димовски не успеваме да го добиеме, но затоа, пак, според еден сопственик на една локална телевизија, тој наводно одржал средба со повеќемина медиумски газди од градовите во внатрешноста, каде договарале попусти за рекламниот простор.

Она што дава опасен вкус на ваквата шема, е податокот од извештајот токму на ВМРО-ДПМНЕ доставен до ДИК. Внимавајте, таму сите донации од 32 медиуми за Груевци носат ист датум – 6 јуни 2011 година. Како баш сите до еден, ден по изборите се „осмелија” да бидат донатори на победничката партија?

Уште повеќе, излегува дека кога Љубе Бошкоски спектакуларно го апсат за донација од пријател, едно чудо медиуми пуштаат срце да бидат донатори на ВМРО-ДПМНЕ!

И сега, што ќе биде со изборните долгови на владејачката партија? Ако медиумите не тужат, ќе ги покрие ли заборавот овие изборни авантури?

Според една изјава на поранешниот претседател на антикорупциската комисија, Војче Зафировски, не е можно партискиот долг кон медиумот да биде отпишан.

– Доколку една партија должи за објавените реклами и тоа не го плаќа подолго време, медиумот тогаш мора да поведе судски спор за да го наплати побарувањето пред тоа да застари. Доколку медиумот објасни дека долгот им го отпишал, ние тоа ќе го пресметаме како дополнителна донација и ќе видиме дали влегува во дозволени законски рамки, објаснуваше лани Зафировски.

Токму затоа, доколку евентуално Канал 5 и Сител ги отпишат долговите на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш оваа партија ќе го надмине дозволениот законски лимит.

Од друга страна, навистина е инспиративно за размислување, од каде партијата ќе најде дури три милиони евра за своите долгови. Дали можеби тука навистина владините реклами се лексилиумот за оние медиуми на кои ВМРО-ДПМНЕ им должи?

Поточно, дали постојат оние шеми, за кои говореше Велија Рамковски пред да биде уапсен. Да потсетам дека и А1, барем во златните времиња на дружба меѓу Груевски и Рамковски, беше од оние дарежливи донатори на преродбата. Истовремено, и преродбеничката влада беше широкограда кон А1 со владините реклами!

Арно ама, во последното интервју за Фокус, Велија откри дека од 2006 до 2009 година Владата ѝ платила 4,5 милиони евра на А1 телевизија за реклами, од кои, наводно, милион и двесте евра ги сметале како дека се од партијата. И тој се жалеше дека подолг период ВМРО-ДПМНЕ не им плаќала, и потоа, наводно, му предложиле вака да компензираат.

И сопственикот на радиото Канал 77, Горан Гаврилов, откако по само неколку месеци ја напушти менаџерската функција во МПМ, говореше за вмровските долгови кон оваа медиумска куќа. Раскажа како се скарал со Илија Димовски за долгот што оваа партија го има кон МПМ.

Уште повеќе, ја објасни волшебната моќ на владините реклами, огласи и тендери, врз слободата на медиумите. Ако претходно им доаѓале околу еден и пол милион евра, пари кои владата ги давала за огласи, тие веќе секнале. Добивале и тендери, кои потоа не се спроведувале.

– Џабе си добил, кога прават рамковен тендер и не ти ги даваат парите. Тоа за фирмата не се мали пари. Срѓан Керим сметаше дека мораме да бидеме малку поблиски и пофлексибилни, поумерени кон власта. Новинарите да не ја иритираат владата, за да можеме побрзо да добиеме тендери, ја опиша Гаврилов формулата на владата на Груевски за медиумското држење под конец.

Ете, ние за сега успеавме толку да истражиме. Согласно независните институции и професионалните медиуми – според аршините на ВМРО-ДПМНЕ – во сето ова нема корупција, а нивното финансирање е „согласно уставот и законите”. Без потсмевање, ве молам!


Без одговор
ИМ ДОЛЖАТ, АМА – МОЛЧАТ!

Се обидовме да провериме, дали се намирени партиските борчови, директно кај медиумите на кои ВМРО-ДПМНЕ им должи пари од изборната кампања. Но, тоа излезе невозможна мисија за оние кои имаат најголеми побарувања.

Директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, рече дека не е соодветен за оваа тема и нѐ упати да го побараме сопственикот. Сопственикот, пак, Емил Стојменов и покрај нашата упорност не беше достапен да објасни дали коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги исплатила парите што ги должи кон телевизијата во износ од сто милиони денари.

Еднаш од дваесетте пати, колку што го баравме Стојменов, додуша и ја крена слушалката, но веднаш ја спушти кога слушна од каде сме, под изговор дека ништо не нѐ слуша, а потоа го исклучи мобилниот телефон!

Сопственикот на Сител, Горан Ивановски, или не ја примил пораката од неговата секретарка, или ја игнорира!
Според извештајот доставен до ДИК, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на Сител и должела 45.799.465 денари, а телевизијата ѝ дала попуст на ВМРО-ДПМНЕ од 20.000.000 денари.

Донацијата од Канал 5, пак, изнесува 10.230.000 денари, а побарува од партијата дури 100.017.690 денари!

Илија ДИМОВСКИ, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ
КОЈ ВИ ДАДЕ ПРАВО ДА ЅВОНИТЕ 15 ПАТИ?!

До директорот на Центарот за комуникации Илија Димовски по електронска пошта ги испративме следниве прашања:

Дали ги плативте долговите од изборната кампања 2011 година кон Канал 5, Сител и другите медиуми? Ако сте ги платиле, дали тоа го сторивте преку посебната изборна жиро сметка? Дали и кога оваа посебна изборна жиро сметка ја затворивте, согласно законот?

Доколку овие долгови не сте ги намириле, како и кога планирате тоа да го сторите?

Обидот, пак, да комуницираме и телефонски со Димовски беше комункациско фијаско. Човекот можел да издржи 15 пати телефонот да му ѕвони и да му се препелка во џебот, за конечно, кога ушните тапанчиња ќе ја загубат битката, „културно” да ве откачи со прашањето:

– Кој ви даде право 15 пати да ѕвоните непрестано? Што ако сум во болница?

И така, едноставно вие се прекорувате себеси што во работно време му ѕвоните на Димовски, народен избраник во Собранието, а всушност сте немале право.

Сепак, покорно го прашувате кога да го побарате повторно. Вели – за еден час. И не крева слушалка во наредните три.

Ај си велиме, може Димовски заглавил во болница, па му испративме и смс-порака за да го известиме дека сме му испратиле прашања по мејл. Досегашниот епилог од напорите може да вроди само со предлог иницијатива за преименување на „Центарот за комуникации”, во „Центар за еднонасочни комуникации”!

Комисија за спречување на корупција
ГИ АНАЛИЗИРАТЕ ЛИ ВМРО-ДПМНЕ, КАНАЛ 5 И СИТЕЛ?

До Комисијата за спречување на корупцијата, која, нели, покрена кривична пријава за СДСМ поради подигнатиот кредит за избори, но и против раководни лица во А1, Фокус ги испрати следниве прашања:

Телевизиите Канал 5 и Сител во своите извештаи за ланските парламентарни избори наведоа дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ им должи околу 1,6 милиони евра, односно околу 740.000 евра. Дали ваквите долгови од изборната кампања се во рамките на законот, кога изборните жиро сметки треба да се згаснати, а во Изборниот законик децидно стои дека „сите трошоци за изборната кампања ИСКЛУЧИВО ќе се покријат од средствата на жиро сметката за изборната кампања”?

Дали гледате простор за ваша реакција во овој случај?

Доколку некој од медиумот го отпише долгот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш тоа ќе се смета за дополнителна донација, која, пак, антикорупциската комисија треба да испита дали влегува во дозволениот законски лимит. Дали воопшто следите и барате информации за тоа: како ќе се затворат овие долгови?

Дали постои корупција кога одредени медиуми даваат огромни попусти за предизборно рекламирање на владејачката партија, а владата на истите медиуми им дава најголем дел од владините кампањи и огласи?

Добивме одговор дека поради сериозноста на прашањата не се во можност да ги одговорат до затворањето на весникот.

Но, испративме ново барање со истите сериозни прашања, што веруваме дека ќе бидат сериозно одговорени и уште посеризоно објавени во Фокус!

Државен ревизор
ПРАКСАТА НАСПРОТИ ЗАКОНОТ!?

Државниот ревизор го има објавено конечниот извештај за изборната сметка на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на 3 април оваа година. Ревизорите како одговорни лица за овој финансиски извештај ги наведуваат претседателот на партијата Никола Груевски и Мартин Протугер, како шеф на изборниот штаб. Контролите се одвивале кон крајот на октомври. Она што особено ни остана нејасно е следниот навод на ревизорот:

„Имајќи ги предвид состојбите во пракса, каде дел од учесниците во изборната кампања имаат создадени обврски кои не можат да се покријат од обезбедените средства на сметката на изборната кампања, овие обврски ќе бидат пренесени во деловните книги за редовната сметка ( н.з.) каде ќе бидат покриени/платени од извори кои не се наведени во член 83 од Изборниот законик”!

Со други зборови, ревизорот се повикува на состојбите во пракса, но, го занемарува членот 71, ставот 5, од Изборниот законик. Таму јасно и децидно е запишано: Сите трошоци за кампањата ИСКЛУЧИВО (н.з.) ќе се покријат од средствата на жиро-сметката за изборната кампања.

Токму заради ваквите толкувања, до Државниот завод за ревизија поставивме прашање:

Како оваа пракса за префрлање на обврски од изборна кампања на редовната сметка ќе ја вметнете во рамките на членот 71, став 5 од Изборниот законик?

Одговорот ни ветија дека ќе го добиеме согласно законските рокови. Се разбира, тогаш и ќе го објавиме.

Во секој случај, би било интересно да слушнеме и какво автентично толкување на оваа законска одредба би дала законодавно -правната собраниска комисија што ја раководи Благородна Дулиќ. Чисто онака, да слушнеме креативно објаснување на зборот – ИСКЛУЧИВО!

Поврзани новости