АРХИВА: Како Груевски, Ахмети, Еленовски и Петровски ги финансираа изборните кампањи?

by Fokus

Текстот е објавен во бројот 886 во неделникот „Фокус, “на 22 јуни, 2012-та година 

Во рамки на судскиот предмет „Плацеви на Водно“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет дека со пари од партиски донатори стекнал плац на Водно, стана збор и за финансирањето на партијата. Во таа насока, некогашните партиски функционери – Горадна ЈанкулоскаМартин Протуѓер и Влатко Чингоски сведочеа како партијата се финансирала и како се располагало со парите, а дури беше кажано дека некои донатори пари му давале лично на Груевски. За време на десетгодишното владеење, Фокус редовно ја третираше темата за сомнително финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, но и на други политички партии.

Пишувала:
Јадранка КОСТОВА

Како да проверите одредени сознанија, евентуално да добиете потврда за некакви неофицијални информации, или, уште повеќе, да искамчите некаков коментар за одредени дубиози кои сте ги детектирале во некаква истражувачка сторија? Ако прашањата не се благопријатни за власта, тогаш имате сериозен проблем. Тоа што сите државни институции  имаат гласноговорник, не значи дека јасно и гласно ќе добиете одговор, како што се вели, од втората страна.

Секако, постои закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, но, освен што слободно ќе им пристапите, тие можат слободно потоа да ве шетаат низ времето или, преку заобиколување, да ви испратат некаков општ одговор. Дали оние кои треба да ја контролираат извршната власт ја играат таа нивна улога како што треба, или, сепак, извршната власт ги контролира нив?

Првата опција е запишана во Уставот, но втората е наша реалност и редовна пракса. Зошто инаку би се „потепувале“ победниците на изборите секаде да инсталираат свои кадри, по можност со гард на горди послушници!?

Пред неколку недели Фокус се обиде да продре во мистеријата – како владејачката партија ќе ја покрие финансиската дупка од 3 милиони евра што остана да зјае после победата, а тоа да биде законска операција? Како на оваа пат позиција на ВМРО-ДПМНЕ реагираат Државниот завод за ревизија и антикорупциската комисија, кои по природа на работите, би можеле да ни помогнат во дешифрирањето на оваа равенка со неколку непознати?

Но, и после 27 дена немаме одговор ниту од ревизорот ниту од антикорупциската. Веројатно одат да не фатат на кондиција, оти законскиот рок за одговор е до 30 дена. Од ВМРО-ДПМНЕ и не очекувавме да ја задоволат нашата легитимна љубопитност, оти ем не потпаѓаат партиите по законот за слободен пристап, ем видовме и чувме дека и премиерот Никола Груевски го ескивираше одговорот на едно вакво пратеничко прашање.

Се разбира, објаснувањето дека ќе ги намират долговите согласно законот, не сметаме дека разјаснува нешто. Разбирливо, пак, медиумите кои се заплиснати со реклами од „новиот бран“, не се палат на 3 милионска вмровска дупка.

ДУИ НЕМА ДОЛГОВИ!

Со други зборови, не постојат куршуми кои можат да го пробијат ѕидот на молкот. Она што Груевци не сакаат да го откријат, вообичаено потоа се парафира од сите. Медиумите го респектираат таквиот однос, институциите, пак, доколку и не можат да избегаат – ќе ја префрлат вината на законот.

А сите светски корупциски скандали се поврзани со финансирање на изборите и партиите. Донаторот, по правило, потоа си компензира со тендери. Од нив повторно дава на партијата, и така до бескрај се врти корупцискиот круг! Впрочем, владината соработка меѓу партиите на Груевски и Ахмети, опозицијата веќе ја прекрсти во тендерска коалиција!

Сите обиди да допрете до фирмите, кои вообичаено добиваат зделки со државата, се осудени на неуспех. А приватните компании, исто така, не потпаѓаат под законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, дури и ако заработуваат милиони евра од народните пари.

Изминативе денови во дневниот весник Фокус се обидовме да истражиме која компанија стои зад „Трите врби во Вардар“ како изведувач. И дојдовме до фирмата Еуропроект од Селце. Не заинтригира и условот за тендерот за врбите – компанијата да мора да има вкупен приход над 400 милиони денари во последните 3 години. Зошто токму 400 а не 300 или 500 милиони, на пример? Но, од министерството за култура ова културно го објаснија со потребата да биде сериозна компанија, без да го расветлат реперот од 400 милиони!

Нејсе, ваквата затвореност беше поттик да ѕирнеме во изборните финансии на ДУИ. Или, поточно, како Државниот ревизор го истретирал отчетот на партијата на Али Ахмети? И што видовме? Неочекувано го најдовме одговорот на ревизорите за вмровскиот изборен долг. Тоа што беше заобиколено во извештајот за ВМРО-ДПМНЕ, го најдовме кај ДУИ.

А таму пишува дека е незаконски изборните долгови да се намируваат преку редовната партиска жиро сметка. Уште позанимливо е што партијата на Ахмети нема финансиски опашки од изборите, а се дава ваквото толкување на законот, кое, пак, го нема во извештајот за партијата на Груевски. Да, таму ревизорите, не споменувајќи го конкретниот законски член, само ќе наведат дека редовна пракса е изборните долгови потоа да се плаќаат од партиската сметка!

Но, да одиме по ред. За разлика од поголемиот брат- ВМРО-ДПМНЕ, што потроши 272.334.493 денари, според извештајот на ДУИ изборната кампања ги олеснила само 5.312.511 денари. Или 50 пати помалку. Уште нешто е различно, ако Груевци останаа должни околу 3 милиони евра после изборите, Ахметиевци немаат ваква мака, оти ним дури околу 100 евра им останале вишок. Дваестина функционери, меѓу кои и лидерот Али Ахмети се јавуваат како донатори со по приближно 4 до 5 илјади евра. Иако Ахмети се истакнал со минималец, наспроти колегите – дал за изборната кампања на партијата само 50.000 денари.

Дури и во конечниот извештај на ДЗР цели пасуси се идентични меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Со ревизијата е констатирано дека не постојат доволно докази за потврдување на бројот на седиштата на изборните штабови и начинот на нивно користење ( со или без надомест).“, е забелешката и за ДУИ, каква што имаше и за ВМРО-ДПМНЕ!

Сшто като исто! И едни и други имаат проблеми со изборните штабови, но, ова не им се зема како големо зло. Им се дава шанса до следниот изборен циклус да се поправат. Значи, се си е во ред, се што виделе ревизорите во вмровските и во ДУИ-тефтерите било вистинито и објективно освен ова со седиштата на изборните штабови и законот!

Но, кај рапортот за изборните финансии на ДУИ, го пронајдовме она што е испуштено кај ВМРО-ДПМНЕ. Иако токму таму му беше место. Оти, Груевци останаа борчлии, а не Ахметиевци! Имено, Изборниот законик е дециден дека сите трошоци, треба да се покријат преку изборната жиро сметка.

ВМРО-ДПМНЕ ИМА СПЕЦИЈАЛЕН ТРЕТМАН!?

Да потсетиме, од конечниот извештај на Државниот ревизор за изборната сметка на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ни остана нејасен следниот навод на ревизорот:

„Имајќи ги предвид СОСТОЈБИТЕ ВО ПРАКСА ( н.з.), каде дел од учесниците во изборната кампања имаат создадени обврски кои не можат да се покријат од обезбедените средства на сметката на изборната кампања, ОВИЕ ОБВРСКИ ЌЕ БИДАТ ПРЕНЕСЕНИ  ВО ДЕЛОВНИТЕ КНИГИ ЗА РЕДОВНАТА СМЕТКА ( н.з.) каде ќе бидат покриени/платени  од извори кои не се наведени во член 83 од Изборниот законик”!

Со други зборови, ревизорот се повикува на состојбите во пракса, но, забележавме дека го занемарува членот 71, ставот 5, од Изборниот законик. Таму јасно и децидно е запишано: Сите трошоци за кампањата ИСКЛУЧИВО (н.з.) ќе се покријат од средствата на жиро-сметката за изборната кампања.

Токму заради ваквите дилеми, до Државниот завод за ревизија поставивме прашање:

Како оваа пракса за префрлање на обврски од изборна кампања на редовната сметка ќе ја вметнете во рамките на членот 71, став 5 од Изборниот законик?

Одговорот ветија дека ќе го добиеме согласно законот. Прашањето го испративме на 23 мај, па го очекуваме да пристигне токму последниот ден од законскиот рок -22 јуни. И кога ќе излезе овој број на Фокус, верувам дека ќе го имаме ставот на ДЗР.

Но, се случи чудо! Чекајќи го одговорот, наеднаш го осознавме нивниот третман токму на оваа законска одредба. Го здогледавме во ревизорскиот извештај за ДУИ. Ем партијата нема долгови, ем во тој извештај ревизорите ја наведуваат оваа законска одредба. Но, сега со наслов „Системски слабости“, што ќе рече дека системот е слаб, односно до законот е проблемот, а не е до лидерите и партиите! Еве го делот кој го нема кај ДПМНЕ а го има кај ДУИ.

„Затворањето на наведената ( изборната, н.з. ) сметка и подмирувањето на создадените обврски за изборната кампања од средства на сметката за редовно работење НЕ Е ВО СОГЛАСНОСТ ( н.з.) со одредбата на членот 71 став 5, каде е уредено дека „сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средства за изборна кампања“.

Ете, дојдовме до признанието на ДЗР дека она што планираат Груевци за расчистување на изборниот долг, не е во согласност со законот, иако лидерот вети дека ќе го сторат согласно законот. Но, натамошниот третман на овој законски став од страна на ревизорите е фатален по членот.

Предлагаат „надлежните органи да превземат активности за преиспитување на погоре наведените законски решенија (меѓу кои е и ова, н.з.) и да предложат и достават до Собранието предлози за измени и дополнувања на Изборниот законик“! Со други зборови, ако вмровците не можат согласно законот, тогаш законот ќе се стокми за да биде согласно можностите на ВМРО-ДПМНЕ!

А дека само извештајот на ВМРО-ДПМНЕ има специјален третман, покажува фактот дека истите наводи за членот 71 став 5 ги видовме и во ревизорските белешки за изборните финансии на партијата на Мендух Тачи, ДПА, кај ЛДП, а претпоставуваме се повторува и кај другите партии. Зошто ревизорите ја изоставиле оваа „системска слабост“ само во извештајот за партијата на Груевски, останува да поставиме ново прашање и да чекаме, веројатно, уште нови 30 дена!

МАКЕДОНСКИ ПОШТИ КАКО ДОНАТОР!?

За очекување е сега таму каде што ревизорите застанаа, антикорупциската да продолжи. Да предложат на Собранието да го среди законот како што треба. И, евентуално, да вметнат одредба ретроактивно да важи, за да биде „согласно законот“.

Од друга страна, Комисијата за спречување на корупцијата покрена кривична пријава против СДСМ затоа што подигнале кредит за изборната кампања. За волја на вистината, Изборниот законик не го наведува кредитот како дозволен извор за кредитирање, ама ниту го споменува како недозволен.

Оттаму, зошто за кредитната изборна сеанса на опозициската партија не постапија со сугестија да се прецизира законот- или да забрани или да дозволи со кредит да се финансира изборна кампања?

Наместо тоа, антикорупционерите удрија „автентичното“ толкување и видоа кривично дело? Како што и кривичното дело за кое Љубе Бошкоски е осуден на казна затвор, за што предизборно и закон се подизмени! Но, и тука се занемари дека да земеш пари од пријател е редовна практика!

Патем да потсетиме дека на 23 мај испративмe неколку прашања и до Комисијата за спречување на корупцијата. Меѓудругото, нѐ интересираше следново: Телевизиите Канал 5 и Сител во своите извештаи за ланските парламентарни избори наведоа дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ им должи околу 1,6 милиони евра, односно околу 740.000 евра.

Дали ваквите долгови од изборната кампања се во рамките на законот, кога изборните жиро сметки треба да се згаснати? И добивме одговор дека поради сериозноста на прашањата не се во можност да ги одговорат до затворањето на весникот. Но, испративме ново барање со истите сериозни прашања, па сега се надеваме дека и овие одговори ќе ги добиеме 30-от ден, односно во петок на 22 јуни!

Да се вратиме на ДУИ, но сега не за изборните пари туку на извештајот за тековното финансирање на партијата. Во извештајот за 2011 година, објавен на веб страницата на ДЗР, меѓу донаторите, каде доминираат физички лица, се појавуваат и АД Македонски пошти, Министерство за земјоделие, Собрание на Р.М. Казненопоправен дом, единици на локална самоуправа како Струга, Липково и други институции!

Збунети од овие детали, упативме прашање до Бујар Османи, портпарол на ДУИ: Како го објаснувате ова, кога законот за финансирање на партии изрично го забранува?

Следуваше меѓуодговор дека ќе провери, но, претпостави дека најверојатно се работи за вработени во тие институции. Со оглед на тоа што Османи комуницира преку смс пораки, потоа стигна ваков одговор: „Проверив, тоа се институциите каде се вработени лицата кои што донирале во партија, но во извештајот прво излегува името на институцијата а потоа донаторот.“ Следуваше уште една смс преписка.

Фокус: А зошто за Вас како донатор не стои каде работите?

Османи: Тоа ќе прашате во ДЗР- како ги составува извештаите.

И ние постапивме според препораката. Свиткавме табак и повторно се обративме до Државниот завод за ревизија, иако, впечаток е дека извештајот закачен на веб страницата на ДЗР е поднесен од ДУИ, а не е составуван од ревизорите!

Останува да се надеваме дека ревизорите ќе ни ја разрешат оваа мистерија, па, макар, тоа било и 30-от ден откако прашавме. Важно е дека имаме закон за слободен пристап до информации од јавен карактер и ние слободно пристапуваме. Слободно прашуваме. И ослободени од некакви големи очекување дека може да се покрене некаква институционална машинерија, слободно и натаму ќе се интересираме за изборниот долг на ВМРО-ДПМНЕ од ланските избори!


ЛУСТРАЦИЈА – ДОНАЦИЈА!

Интересно е дека на списокот на донатори на ДУИ за 2011 година се и Даут Даути и Шпенд Винца. Доколку не станува збор за лица со исти имиња и презимиња, би требало ова да се членовите на Комисијата за лустрација, кои дојдоа на овие функции токму на предлог на ДУИ.

Станува збор за 30.000 односно 27.500 денари, што и не е некаква голема сума. Ова не е незаконски, но, сепак, е тема за етичка дилема. Оти донаторите, во својство на членови на комисијата за лустрација, разгледуваат и досиеја на високи функционери на партијата за која даваат пари!?


ИЗБОРЕН ЗАБАВНИК!

Демократска десница на Филип Петровски и СДУ на Лазар Еленовски ги завршија ланските избори без освоени пратенички места ама со долгови. Според извештаите, партијата на Петровски пријавила непокриени долгови, тешки 631.309 денари, додека партијата на Еленовски била во минус 335.192 денари. Во меѓувреме, едниот стана заменик директор на Државната лотарија, а вториот кандидат за амбасадор.

Сепак, како своевиден куриозитет е финансискиот извештај на СДПМ на Бранко Јаневески, прописно ставен на веб страната на ДЗР. Нема ниту потпис ниту печат, ниту приходи или расход! Што сакал писателот да каже, останува да мудруваме!Инаку, Јаневски редовно се трка на избори, но СДСП никогаш не освоила пратеничко место, иако успева да внесе забуна кај гласачите поради сличниот назив со СДСМ. Важно е дека оваа партија преживува со години, а нејзиниот претседател за време на преродбата е директор на Управата за боречки прашања при министерството за труд.

Поврзани новости