Груевски објаснува дека зголемениот број на вработени во март е благодарение на него

by fokus

Поранешниот премиер, Никола Груевски денеска на Фејсбук објави уште еден од неговите статуси посветени на економијата. Овојпат, тој објаснува дека добрите резултати и позитивните бројки за индексот на бројот на работници во индустријата за март 2018 година се всушност, благодарение на неговата влада.

-Но што покажа анализата? Зголемен е бројот на работници безмалку само во странските фирми кои ги донесовме во Технолошко-индустриските зони (ТИРЗ) и странските инвеститори кои инвестираа надвор од ТИРЗ, и тоа опфаќа безмалку се од овој раст на бројот на работници. Тоа се фабрики кои кога ги донесовме и склучивме договори со нив, уште тогаш објавија планови за развој за наредните 5 до 7 години, некои дури и за 10 години, кој планиран развој се темели на веќе склучени договори за извоз уште пред да почнат да ги градат фабриките во Македонија. На пример една таква фабрика ќе кажеше дека ќе вработи вкупно 1.200 лица во период од 5 години и тоа првата година ќе достигне 200 вработувања, втората ќе стигне до 400 вработувања, третата до 700, четвртата до 1.000 и петтата до 1.200. И да речеме сега е третата година откако почнале да работат, па според зацртаниот план и според пред 4-5 години склучените договори за продажба и извоз, тие си го исполнуваат планот. И овој дел кој го изработи поранешната влада на ВМРО функционира и како локомотива влече напред, пишува Груевски.

Тој детектира дека сега проблемот е што сега немало нови фабрики и нови инвестиции.

-Исто така проблемот е во тоа што останата економија, не е ни приближно силна и движечка како овие фабрики. Онаа економија на која Заев и Анѓушев им ветуваа пари, евтини кредити, транспарентност, стимуланси, субвенции, нови развојни економски политики итн., а им испорачаа повисоки акцизи и даноци (во најава), повисока минимална плата која ветуваа, а реално не ја субвенционираат освен по нешто малку, им испорачаа и рекетари кои безочно им бараат пари за се и сешто за поединци во врвот на власта…Тоа е онаа домашната и измамена економија. Оние кои им веруваа и се прелажаа, па сега се каат и исплашени тивко негодуваат, пишува Груевски.

Поврзани новости