Груевски никогаш не ми дал наредба за 27 април, тврди Нинџа

by Frosina Fakova

Никола Груевски никогаш не ми дал наредба за 27 април, тврди Александар Василевски-Нинџа во сведочењето во предметот за организаторите на настаните од 27 април, јавува „360 степени“.

-За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажав и претходно. Лидерот на партијата држеше говор на протестите пред ДИК, таму потпалувачки говор држеше и Влатко Ѓорчев, а најпотпалувачки држеше Валентина Божиновска, која зборуваше за ‘ноќ на долги ножеви’. Но, од лидерот на партијата никогаш не сум добил насоки за 27 април,рече Нинџа.

Критичниот ден Груевски беше на патување во Виена, а со него беше токму братот на Нинџа, кој му беше лично обезбедување. Дента на 27 април 2017 година Нинџа добил повик од телефонскиот број на брат му, но во неговата верзија тоа не е поврзано со давање некаква наредба, туку за нивната болна мајка.

Одбраната во текот на испрашувањето се обиде да го дискредитира Нинџа како сведок, а уште пред да почне да сведочи бараше да не се случи тоа бидејќи за адвокатите е спорна веродостојноста. Адвокатот Еленко Миланов рече дека Нинџа може да ја искористи ситуацијата и се нуди како соработник на правдата за да добие поволности во пресрет на одлуката на Апелацискиот суд, кој треба да се изјасни за казните во предметот каде што е осуден.

Нинџа беше обвинет во претходниот предмет за тие настани и доби 8 години затвор. Денеска тој сведочеше пред обвинетите: поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Во истрагата за организацијата на „крвавиот четврток“ со нив беа опфатени екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и Никола Бошкоски од УБК, за кои обвинителството тврди дека има докази, но обвинение за нив не беше поднесено бидејќи се во бегство и со тоа недостапни да дадат исказ.

Поврзани новости