Државната комисија за спречување на корупција се заинтересира за случајот со изградба на коридор 8 и коридор 10, за кој проект Владата склучи договор вчера. Поконкретно антикорупционерите ќе го истражуваат тендерот за надзор на изградбата на овие автопати, по пишувањата во медиумите за спорни фирми кои се избрани.
Тендерот за кој Антикорупциска отвори предмет е во износ од 22 милиони евра, а го доби фирмата ИРД. Како подизведувачи се избрани три фирми меѓу кои е „Ептиса“, фирма која Владата во 2020 година забранила да биде ангажирана за градежни надзори поради неетичко и непрофесионално однесување. Владата ја поништила оваа забрана неспоредно пред тендерот.
Вицепремиерот, Артан Груби, се обиде да го оправда учеството на „Ептиса“ во конзорциумот, велејќи дека станува збор за сосема нова фирма, бидејќи и е сменета сопственичката структура.
-Вие зборувате за „Ептиса“ од 2020 година, за целосно друг проект, кој нема никаква врска со коридорот 8 и 10 и Ве молам да се одржи кредибилитетот на овој проект и да не го поврзуваме со нешто што се однесува на железницата. „Ептиса“ го промени сопствеништвото, станува збор за нова компанија и не е таа од 2020 година за одлуката за која зборувавте вие. Има ново сопствеништво како компанија и е дел од конзорциумот со ИРД – изјави Груби вчера.
Но документите од Централен регистар го демантираат вицепремиерот. Медиумите објавија дека сопствениците на „Ептиса“ не се променети веќе седум години. Сопственик на македонската подружница на Ептиса е „Ептиса сервициос де ингенериа СЛ Шпанија“.
„Во тековната состојба на вистински сопственици на субјект извадена денеска од Централниот регистар, сопственик на Ептиса сервициос де ингенериа СЛ Шпанија“ е кинеската ЈСТИ Груп со 99,8 отсто од капиталот. Тие се сопственици на „Ептиса“ од 2016 година. Промени во Централниот регистар за „Ептиса“ до денес – не се регистрирани“, пишува „Призма“.