Текстот е објавен на 29-ми мај 2010-та во неделникот „Фокус“ во бројот 778
Пишувала
Адријана ГЕОРГИЕВ
И покрај веќе стандардно затегнатите македонско – грчки односи и вечниот проблем со името, кога станува збор за добивање на поевтини услуги, сите проблеми исчезнуваат. Во изминативе неколку години, Грците масовно ја преминуваат границата во потрага по поевтини услуги. Покрај бутиците и казината, тие почнаа да ги посетуваат и медицинските установи, пред се стоматолошките ординации. Обичните граѓани, неоптоварени од политичките препукувања, барајќи поевтини стоматолошки услуги, ги запоседнаа битолските, струмичките и гевгелиските стоматолози. И, така, додека на грчките забари во пограничните региони им опаѓа профитот, македонските добро се офајдија. Во изминативе неколку години, има се поголем број грчки граѓани кои бараат стоматолошки услуги и кои се подготвени да ја платат цената која од нив ја бараат македонските забари.
Стоматолошките екскурзии ги надминаа разликите со името. Ако кај нас за 50 евра може да се добие нова забна коронка, која во Грција чини 350 евра, тогаш, очигледно, на Грците воопшто не им е важно, дали неа ја изработил Македонец, Славомакедонец или жител на ФИРОМ?
КРИЗАТА НИ ГИ ДОНЕСЕ И ПОБОГАТИТЕ ГРЦИ
Грците прв пат почнаа да ги посетуваат стоматолошките ординации во Битола во 2001 и во 2002 година, кога беа укинати визите за нив и кога почнаа да ја преминуваат границата со лична карта, велат битолските стоматолози.
– До почетокот на економската криза, бројот на грчки пациенти во битолските ординации одеше по нагорна линија. Тој тренд траеше се до крајот на минатата и до почетокот на оваа година, кога почнаа да се чувствуваат последиците од економската криза, која жестоко ја зафати Грција. Од тогаш, бројот на грчки пациенти е намален за 20 до 30 отсто. Дали вака ќе остане и дали тие пациенти ќе се вратат повторно во нашите ординации, останува да видиме, објаснува стоматологот д-р Горан Тодоровиќ.
Интересно е, вели тој, што до пред почетокот на грчката криза, најчести пациенти биле Грците од ниската средна класа. Денес, логично, тие пациенти веќе ги нема.
– Со економската криза почна да се менува структурата на пациентите. Пациентите од средната ниска класа ги снема, меѓутоа, сега почнаа да ни доаѓаат клиенти кои до тогаш се лекуваа во елитните солунски ординации. Услугите, пак, кои ги бараат, останаа исти. Најчесто, тоа е протетика, потоа, лечење на заби и ортодонција. Се бараат и фиксни протези и имплантанти. Во Грција, овие услуги се за три до четири пати поскапи. Така, на пример, една коронка кај нас чини од 50 до 70 евра. Во ординациите во Солун, тоа би ви го наплатиле од 250 до 350 евра. Инаку, нивното осигурување покрива многу малку во делот на стоматологијата, па, така, тие и во Грција се оставени на приватните стоматолози, но, услугите таму се многу поскапи, вели д-р Тодоровиќ.
За сега нема прецизни податоци, колку пари заработуваат битолските стоматолози од грчките граѓани. Според некои пресметки, околу половина милион Грци од Северозападна Грција ја преминуваат границата во потрага по поевтини стоматолошки услуги. Освен во Битола, во овој регион од Македонија, тие одат и во Ресен и во Охрид.
– Пред некоја година имаше еден тренд на одење во Албанија по поевтини стоматолошки услуги, но, пациентите набрзо се вратија назад. Очигледно, албанските забари не можеа да им го пружат оној квалитет на услуги, кој ние им го даваме, сигурен е д-р Тодоровиќ.
Се претпоставува дека на грчките стоматолошки ординации во пограничниот регион, прометот им е намален за цела половина. Тие, пак, како одговор на навалицата од Грци во македонските стоматолошки ординации, велат дека грчките стоматолози биле поискусни, а опремата им била по европски стандарди, т.е. далеку подобра од онаа што се користи во македонските ординации. Наводно, ниските цени биле резултат на тоа што нашите стоматолози не биле обврзани да ги следат законските прописи на ЕУ.
– Во споредба со останатите медицински услуги, нивото на стоматолошки медицински услуги во земјава е на многу повисоко ниво. Не е точно дека ние не работиме со современа опрема. Конкретно, опремата која јас ја користам, ја има во стоматолошкиот факултет во Солун. Материјалите за работа, порано ги набавуваме во странство, меѓутоа, сега ги има и кај нас. Во делот, пак, на стручноста и опременоста, ние воопшто не заостануваме зад грчките колеги. Токму поради тоа, поканивме наши колеги и професори од Солун да присуствуваат на наш конгрес, меѓутоа, за жал, тие не се одзваа на поканата, им ,реплицира, д-р Тодоровиќ на грчките колеги.
ГЕВГЕЛИЧАНИ НАУЧИЈА И ГРЧКИ
Освен Битола, се повеќе стоматолошки ординации се отвораат и во Струмица и во Гевгелија. Проценките се дека најмалку 500 грчки државјани месечно ги посетуваат стоматолошките ординации во Гевгелија, каде бараат услуги од општата и од специјалистичка стоматологија. Стоматолошките ординации кои први им ги понудиле услугите на грчките државјани, денес месечно имаат и по стотина пациенти. Тоа се луѓе од Грција кои веќе се редовни пациенти, како и оние кои доаѓаат по препорака од нивни блиски, кои веќе се лекувале во тие ординации.
Во Гевгелија, каде работат околу 15 ординации, првите пациенти од Грција почнале да доаѓаат по 2000-та година. Услугите, велат гевгелиските стоматолози, кои овде се нудат, се многу поевтини од оние што им се достапни во Грција. Феноменот, пак, на ,,медицински туризам, ги натера речиси сите гевгелиски стоматолози да научат да зборуваат грчки.
– Иако, во почетокот, Грците се сомневаа во квалитетот на нашата работа, во тоа – какви материјали употребуваме и со какви апарати работиме, набрзо се уверија во квалитетот, па, со самото тоа, ни се зголеми бројот на пациентите. Тоа се најчесто луѓе од средната класа, занаетчии… луѓе за кои услугите кои ги нудат грчките забари се прескапи. Еве, на пример, еден порцелански заб, кој ние го наплаќаме 50 евра, во Грција чини најмалку 300 евра; фиксните протези чинат околу 500 евра, за разлика од Грција каде се наплатуваат и над 3.000 евра, вели стоматолог од Гевгелија.
Инаку, Грците во овој град најчесто доаѓаат во четврток, кога е пазарен ден, па, покрај купувањето на сето она што им е потребно, стигнуваат да си ги поправат и забите. Интересно е тоа што, покрај општите стоматолози, поради големиот интерес за специјалистичката дејност, секој викенд од Скопје во Гевгелија патуваат и специјалисти-стоматолози, кои прават операции во приватните ординации.
И Струмичани се задоволни од тоа, колку пациенти од Грција имаат во своите ординации. Иако, велат, поради кризата, нивната бројка незначително е намалена, очекуваат дека во иднина ќе имаат се повеќе работа. Најмногу барани услуги во нивните ординации се протетичките услуги, полирањето на забите и чистењето на забниот камен.
Инаку, пред неколку години имаше обид да се привлечат пациенти од Велика Британија и од други западноевропски земји во Стоматолошкиот клинички центар. Требаше да се склучи договор со британска фирма за организиран престој на 5.000 Британци годишно. Цените требаше да бидат два до три пати повисоки од оние кои важат за домашните пациенти. За жал, не дојде до реализација на таа убава идеја.
Како и да е, освен за стоматолошки услуги, Грците во пограничните македонски градови се интересираат и за други медицински услуги.
– Бараат услуги од дијагностиката, од офталмологијата и гинеколошки услуги. Ние имаме простор за добра приватна болница, но, за жал, немаме инвестиции во тој дел. Исто така, прашање е колку можеме да бидеме конкурентни, бидејќи нивното осигурување ги покрива овие услуги. Сепак, побарување има, укажува д-р Тодоровиќ
ИНДИЈА СТАНА ЛИДЕР ВО ДЕНТАЛНИОТ ТУРИЗАМ
Стоматолошкиот туризам е карактеристичен и за земјите од регионот. Според хрватските стоматолози, со приближувањето на Хрватска кон европските стандарди, се зголемуваат и цените на услугите, па, така, се повеќе Хрвати почнуваат да одат во соседните земји. Ако порано одеа во Унгарија за стоматолошки услуги, откако оваа земја стана членка на ЕУ и тамошните цени порасна, денес се повеќе Хрвати одат во соседната им Србија. Стоматолошките ординации, пак, во Србија, се преплавени од странци, особено во летниот период или за време на одржувањето на фестивалот Егзит.
И, така, додека Хрватите за поевтини услуги одат во Србија, за странските гости, стоматолошките услуги во Хрватска се повеќе од прифатливи. Туристичките центри во своите туристички понуди се повеќе нудат и стоматолошки услуги. Така, на пример, на страната на туристичката понуда на Истра се нуди и комплетна стоматолошка палета. Во неа се вклучени хируршко лечење на парадентоза, вадење на умници, ресекција на корени на заби, естетски пломби и исправување на забите со ортодонтски апарати. Цените се движат од 600 евра за вградување на импланти, 2.000 евра за протези, 300 евра за избелување на заби, 50 евра за вадење на заби и 1.000 евра за тотална протеза!
Според Американската национална коалиција за здравствена грижа, половина милион Американци годишно патуваат надвор од земјата за да добијат стоматолошки услуги. Велат, денталниот туризам е вообичаена работа, бидејќи само 50 отсто од Американците имаат здравствено осигурување кое ги покрива овие услуги. Забарите, пак, во САД, можат да наплатат и до 400 долари за обично пломбирање на заб, постапка што во земјите од мапата на денталниот туризам чинат од 20 до 40 долари.
Самите Американци сакаат да патуваат надвор од земјата за стоматолошки услуги, меѓутоа, тие сепак преферираат тоа да биде во земјите што се блиску до нив. Затоа се одлучуваат корекциите да ги направат во Јужна Америка, во земји како Костарика, Колумбија или Гватемала, каде услугите се двојно поевтини отколку во САД. Од Азискиот континент, дестинации за дентален туризам се Филипини и Тајланд, каде услугите се поевтини од оние во Мексико. Индија, пак, е лидер кога станува збор за денталниот туризам. Меѓутоа, услугите во оваа земја ги користат повеќе Европејците, отколку жителите на САД. Како за пример, стоматолошка услуга која во САД чини 1.000 долари, во Индија се наплаќа неверојатни 100 долари!
И ХИМЕНОПЛАСТИКАТА ВЛЕЗЕ ВО МАПАТА НА МЕДИЦИНСКИ ТУРИЗАМ
Хименопластиката е тренд кој се повеќе се шири низ светот. Со оглед на тоа што овој тип на интервенции најчесто се забранети и не се прават во јавните здравствени установи, а, во голем дел и поради срамот и табуата, девојките најчесто се одлучуваат да патуваат во странство. Иако во земјава нема точни податоци за бројот на интервенции кои се прават, лекарите тврдат дека нивниот број од година на година се зголемува. Ако порано имало одвај десеттина операции годишно, сега толку се прават неделно. Најбројни се пациентките од соседно Косово.
Хименопластиката е тренд, кој се повеќе се шири и во земјите од поранешна Југославија. Жените во Хрватска, операцијата можат да ја направат за 600 до 1.500 евра, а во Србија цената се движи од 300 до 600 евра. Во приватна клиника во Нови Пазар, операцијата чини 500 евра и се рекламира како безопасна хируршка интервенција, која се прави под локална анестезија и трае 20 до 30 минути.
Инаку, објаснувањата за бумот на хименопластиката во Европа, лекарите ја објаснуваат со зголемувањето на бројот на муслиманското население!