Изборите незаконски се финансираат а ДИК не поднесува ни прекршочна ни кривична пријава

by fokus

Текстот е објавен на 19-ти јуни 2009-та во неделникот „Фокус“ во бројот 729

Партиски мотивирано гласање на членови на ДИК, бавност на Државниот ревизор во финансиските контроли на партиите, нетранспарентност во работата на Управниот суд – се само мал дел од забелешките за институциите кои го покриваат изборниот процес, барем според експертското мислење на проф. д-р Тања Каракамишева.

Нејзините опсервации, проследени со предлози за надминување на ваквите слабости во изборните процеси имаат уште поголема тежина затоа што Каракамишева е дел од тимот кој ја работеше анализата за ОБСЕ. Овој извештај би требало да биде достапен за јавноста до крајот на овој месец, јуни.

Каракамишева, која инаку е вонреден професор по Уставно право и политички систем на Правниот факултет Јустинијан први, ама и заменик член на Венецијанската комисија при Советот на Европа, во разговорот за „Фокус“ како најслаба алка на изборниот синџир ги посочи партиите.

Разговарала
Јадранка
КОСТОВА

ФОКУС: Работите на проект на ОБСЕ во кој го скенирате одговорот на институциите против изборните нерегуларности во последните два изборни циклуса: предвремените парламентарни избори во 2008-та и последниов двоен изборен процеспретседателските и локалните. Според Вас, која е најслабата алка од изборниот синџир: политичките партии, медиумите, ДИК, Управниот суд, Државниот завод за ревизија, Антикорупциската комисија?

КАРАКАМИШЕВА: Врз основа на направената анализа можам да кажам дека уште многу работи треба да се подобрат во функционирањето на сите овие органи за да се излезе со заклучок дека тие се целосно подготвени да спроведат слободни, демократски и фер избори од европски вид. Но, дефинитивно, како прво и најважно мораме да започнеме со менување на основната матрица на делување на политичките партии. Партиите се тие кои ги продуцираат изборните нерегуларности, но за жал, и од партиите зависи колку институциите ќе бидат подготвени да се справуваат со нерегуларностите.

ФОКУС: Тоа му доаѓа како своевиден маѓепсан круг?

КАРАКАМИШЕВА: Во правна држава каде што владее правото тоа не може да се случи. Во Република Македонија, партиската држава ќе мора да се трансформира во правна, а наместо да владеат партиските војници ќе мора да се овозможи владеење на правните норми. Се разбира, доколку сакаме вистинска реформа. Знам дека тоа е тежок и макотрпен процес и за многумина изгледа како невозможна мисија, но цврсто сум уверена дека е тоа единствениот пат на успехот.

Она што е криво засадено и криво пораснато ќе мора да го исправиме единствено и само со силата на правото. Сите партии ќе мора да разберат дека не се семоќни. Тие се само еден дел од системот кој е еднакво важен како и сите останати елементи. Тие се први меѓу еднаквите во политичкиот процес. Оттука, тие ќе мора и така да се однесуваат. Ако успееме во битката за скротување на моќта на партиите, тогаш многу полесно ќе биде да ги направиме институциите пофункционални.

СЕЛЕКТИВЕН И ПАРТИСКИ ПРИСТАП

ФОКУС: Но, токму партиите ги партизираат институциите што им носи двојна добивка: ем ги наградуваат своите војници со вработување, ем институциите со нивните луѓе потоа им служат за нивните партиски цели. Зошто сега наеднаш партиските елити би се откажале од оваанаправија“?

КАРАКАМИШЕВА: Во секој случај, само ослободени од партиските притисоци, институциите ќе можат полесно и без страв да ги применуваат законите и да работат согласно законските надлежности. Во овој мачен процес на партиската демократизација многу важна улога треба да имаат и медиумите. Но и тие мора да се ослободат од партиските притисоци, закани и уцени и да се вратат кон сопствените вредности, правила и кодекси.

Нема ништо поблагородно од тоа да се застане во одбрана на слободата на мислата, јавното изразување на мислата, слободата на аргументираната критика и правото на демократија. Нашите граѓани ќе мора да почнат да го практикуваат правото на демократија. Медиумите, пак, во тој процес ќе мора да ја преземат улогата на лидери на јавноста. Од партиски гласноговорници ќе мора да се трансформираат во гласноговорници на демократијата и граѓанските интереси.

ФОКУС: Сево ова убаво звучи, сите знаеме како и што мора ама тешко некој се откажува одпридобивките“ на транзицијата. Што може да очекуваме како реакција на ОБСЕ после анализата што ја работите? Дали повторно вината ќе бидесвалена“ на законите?!

КАРАКАМИШЕВА: За мене е многу позначајно каква ќе биде реакцијата на нашите институции на овој извештај. Дали ќе ја поттикнеме нивната желба за подобрување на работите? Дали ќе успееме со аргументи да ги поттикнеме политичките партии да размислуваат и да делуваат во насока на спроведување на препораките и заклучоците содржани во анализата во законската регулатива?! Но, можеби уште позначајна цел на оваа анализа е да го започне процесот на менувањето на политичка култура во државата.

Многу лесно е да се променат законите во една држава. Многу тешко е да се менува политичката култура, посебно културата на политичките партии. За законите се потребни одреден број пратенички гласови во Собранието, но за менување на застарените политичко-партиски матрици се потребни многу луѓе, многу волја и многу упорност. Токму за ова прашање треба максимално да ја искористиме мисијата на ОБСЕ во Република Македонија. Како што од самиот назив на оваа организација се гледа, таа е подготвена за соработка и за давање услуги кои ќе имаат за цел примена на европските вредности во нашиот уставен и политички систем. Сепак, за вакво нешто е потребно да имаме вистинска, а не само декларативна подготвеност.

ФОКУС: А сега конкретно! Дали изборот на членови на ДИК, по предлог на партиите од мнозинството и од опозицијата обезбедува независност на оваа комисија? Како ја оценувате работата на ДИК?

КАРАКАМИШЕВА: Сигурна сум дека ова решение не е најсреќно одбрано и не е во насока на градење департизирана и деполитизирана изборна администрација во државата. Но, кога веќе постои, потребно е барем да се работи на ублажување на неговите негативни ефекти. Во оваа смисла сметам дека Државната изборна комисија, во соработка со политичките партии, ќе мора да поработи на подигнување на степенот на својата професионалност и партиска непристрасност.

Како на предвремените парламентарни, така и на претседателските и локалните избори 2009 година се забележаа бројни изборни нерегуларности кои беа дури и медиумски евидентирани, за нив имаше приговори, меѓутоа, сепак, ДИК во најголем дел од нив не се впушти во увид на целокупниот изборен материјал во постапката по приговорите, туку избра селективен, најчесто партиски мотивиран пристап при разгледувањето на понудените докази.

Во одредени случаи беше евидентно гласање на членовите на ДИК според нивната партиска припадност што посебно беше очигледно кога се разгледуваа приговорите од страна на овластените подносители на листи кои немаа свој претставник во ДИК. Нивните приговори беа одбивани како неосновани и покрај сериозните наводи содржани во приговорите за констатирани изборни нерегуларности.

ДИК ДА ИЗРЕКУВА ПРЕКРШОЧНИ КАЗНИ

ФОКУС: Сега ДИК има многу големи надлежности според изменетиот Изборен законик. Дали вака составен и поставен може да одговори на обврските и задачите?

КАРАКАМИШЕВА: Државната изборна комисија, како и сите останати изборни органи воопшто ќе мора да го зајакнат и унапредат персоналниот, професионалниот, стручниот, техничкиот и едукативниот капацитет во сите фази од изборниот процес. Ова особено во контекст на 1 септември 2009 година од кога и официјално водењето и ажурирањето на Избирачкиот список треба да премине во целосна надлежност на ДИК. Сериозните забелешки околу точноста на податоците содржани во Избирачкиот список веќе неколку изборни процеси по ред ја наметнуваат потребата од јакнење на капацитетот на ДИК кој треба да се справи со надминувањето на недоследностите и нивно целосно коригирање.

ФОКУС: Според моите сознанија, Вие се залагате ДИК да стане прекршочен орган односно самиот да може да изрекува прекршочни казни. Што би добиле со тоа? Зошто?!

КАРАКАМИШЕВА: Да, предлагам ДИК и законски да се определи како прекршочен орган, да води прекршочни постапки и да изрекува прекршочни санкции затоа што овој орган директно ја следи (не)примената на законските одредби од страна на изборните учесници и има најголем и најдиректен увид во сите извршени нерегуларности. Сметам дека со ваквата надлежност ќе се зајакне значењето на највисокиот изборен орган во државата и дека одлучувањето по прекршочните постапки ќе се поедностави и забрза.

Меѓутоа, согласно сегашната поставеност на ДИК, како орган кој има право да поведува прекршочни постапки или да поднесува кривични пријави до надлежен орган при постоење на основи на сомнение дека е сторена повреда на одредбите од Изборниот законик, од нашата анализа произлезе дека ДИК остана пасивна во користењето на ова законско право. Забележани се бројни случаи кога ДИК не поведе прекршочни постапки, ниту поднесе кривична пријава до надлежниот орган во случаи на евидентно кршење на законските одредби од страна на изборните учесници.

ФОКУС: Зарем сметате дека казните од 3-5 илјади евра се некаков проблем за главните политички партии, кои трошат милиони евра на изборите? Дали оваа висина на глобите може да постигне ефект?

КАРАКАМИШЕВА: Факт е дека казните од 3-5 илјади евра не се никаков проблем за главните политички партии, но факт е и дека казна затвор од најмалку 5 години во случај на злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања од страна на организаторот на изборната кампања, или затвор од најмалку три години за секој што ќе употреби сила, закана, измама или на друг начин ќе го спречи остварувањето на избирачкото право на друг, не се воопшто наивни и мали казни доколку се има волја да се применат. Оттука, повторно укажувам на потребата институциите да се ослободат од партиските влијанија и да се сконцентрираат исклучиво на примена на правото, а не на партиските директиви.

ФИНАНСИРАЊЕТО Е НАЈБОЛНА ТОЧКА

ФОКУС: Имате забелешка за кусите рокови во кои ДИК и Управниот суд одлучуваат за по приговорите и тужбите. Тоа многу лесно може да се решиќе се изменат законските рокови. Што правиме со другите слабости на Управниот суд?

КАРАКАМИШЕВА: Управниот суд не смее да продолжи со праксата за употреба на рестриктивен број доказни средства и селективен пристап кон нив, бидејќи тоа може мошне неповолно да се одрази на квалитетот на заштитата на избирачките права на граѓаните. Исто така, Судот би требало да ја прецизира постапката по однос на изборните нерегуларности во некој свој интерен акт кој би им бил достапен на сите заинтересирани страни. Со цел да се гарантира ефективноста на постапките по приговори и по тужби, на ДИК, како и на Управниот суд треба да им биде дадено право и самите да собираат податоци за констатирани изборни нерегуларности од теренот.

ФОКУС: Со ланските измени во Изборниот законик се засили и делот врзан за финансирањето на изборните кампањи. Од извештаите што се доставени до ДИК, не добивме повеќе детали од порано. Повторно се редат стотици имиња на физички лица кои се наведуваат како донатори. Како да се стави крај на оваа финтаџиска филозофија на партиските елити со која се прикриваат вистинскитеспонзори“?

КАРАКАМИШЕВА:  Факт е дека финансирањето на изборните кампањи е најболната точка во Изборниот законик, но уште поболна точка се искуствата на теренот кои остануваат неказнети, во кои е евидентно дека политичките партии со нашите пари купуваат пристап до моќта за одлучување. Во Изборниот законик ќе мора јасно да се разграничат видовите извори на финансирање на изборната кампања како и да се регулира прашањето дали партијата може да биде спонзорирана или само да користи донации и во која форма.

Регистарот на донации што го пропиша министерот за финансии е непотполн и со многу недостатоци кои мора да се исправат во наредниот период. Исто така, во Изборниот законик ќе мора да се утврди единствен образец за финансиските извештаи на политичките партии, и тоа како за тековното финансиско работење на партиите, така и за финансирањето во текот на изборната кампања.

ФОКУС: Државниот завод за ревизија уште се нема изјаснето ниту за финансирањето на кампањите за ланските парламентарни избори? Ако продолжи вака, тешко дека ќе ги дочекаме наскоро нивните откритија за последниот изборен циклус. Дали сметате дека можеби треба ДИК да ангажира независна ревизорска куќа која ќе ги прочешла финансиите на изборните штабови?

КАРАКАМИШЕВА: Да, факт е дека Државниот завод за ревизија многу бавно, а во одредени случаи и воопшто не постапува по финансиските извештаи на политичките партии. Сметам дека е потребно да се предвиди законска обврска за ревизорска обработка на финансиските извештаи на партиите од страна на Државниот завод за ревизија, и тоа во што е можно покус рок или, пак, опција: целата работа околу контролата на финансиските извештаи на партиите да се даде на независен, домашен или странски, ревизорски орган што е во согласност со препораките на Венецијанската комисија при Советот на Европа. Морам да нагласам дека ова не се однесува само за изборните кампањи туку треба да важи и за финансиските извештаи за тековното работење на партиите.

ФОКУС: Ниту еден медиум не доставил извештај за политичките реклами што е нивна нова законска обврска. Како го објаснувате овој феномен?

КАРАКАМИШЕВА: Токму тука, кај медиумското рекламирање, може да се открие колку партиите се држеле до законскиот максимум во финансиите. На пример, интересен е заклучокот од Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата во 2008 година, а кој е извлечен од податоците што на антикорупционерите им ги доставил Советот за радиодифузија за трошоците за платеното политичко рекламирање во текот на изборната кампања во електронските медиуми (за реалното времетраење за платената политичка програма) и од редовното следење на печатените медиуми.

Па така, Комисијата констатира дека двете коалиции – организатори на изборна кампања кои единствени имаа кандидатски листи во сите шест изборни единици неколкукратно го надминале законски дозволениот лимит по однос на средствата кои можат да бидат потрошени за изборна кампања, пропишан со членот 84 од Изборниот законик. Од друга страна и ОБСЕ/ОДИХР во однос на финансирањето на кампањите, во својот извештај забележал дека не постојат ефикасни механизми за контрола и дека останува впечатокот оти одредени организатори на кампања ги надминале законските лимити.

Е и покрај сево ова, ДИК досега нема поведено прекршочна постапка за повреда на одредбите за финансирање на изборната кампања согласно членот 180 од Изборниот законик, ниту пак е иницирана постапка за кривична одговорност за повреда на член 165-а согласно Кривичниот законик.

КАДЕ Е ОДГОВОРНОСТА?!

ФОКУС: Големи манипулации се прават со попустите што одредени медиуми ги даваат во неограничени проценти за одредени партии? Ама вакви податоци не можат да се пронајдат во извештаите на пртиите, а оние од медиумите воопшто ги нема, не се доставени?

КАРАКАМИШЕВА: Во сите поднесени финансиски извештаи од трошењето на средства за изборната кампања се забележува непрецизност и нејасност во ставките содржани во извештаите. Морам да кажам и дека износот кој е прикажан како потрошен, делува нереално во однос на вистински реализираните трошоци во кампањата. Точно е дека политичките партии и нивните коалиции добиваа значителни намалувања на цените, а висината на ваквите попусти се одредуваше поединечно (меѓу 10-90% од објавената цена).

Ова во практиката создаде нееднакви услови за пристап до платеното рекламирање на политичките партии и нивните коалиции, и покрај законската должност за еднаков третман на партиите при медиумското претставување на нивните политички програми. За жал, не постои одредба во Изборниот законик која би наложила дека сите кандидати, партии и коалиции треба да добијат еднаква цена за еднакво времетраење кога купуваат време за рекламирање.

ФОКУС: Значи, сугерирате корекција на законот во овој сегмент? Можеме ли да заклучиме дека и ланските измени на Изборниот закон не внесоа некаков ред околу финансискиот дел од изборите?

КАРАКАМИШЕВА: Од официјалните финансиски извештаи на политичките партии, што самите ги доставија до ДИК, Државниот завод за ревизија и до антикорупциската комисија произлегува дека учесниците на изборите по правило прикажуваат расходи во изборната кампања кои се поголеми од нивните приходи. Оваа разлика, како и недоволно прецизираните видови извори на приходи со кои се финансираат кампањите фрла сомнеж дека има и други финансиски извори освен законски пропишаните. Констатациите дека се сторени повреди на одредбите на Изборниот и Кривичниот законик се тука. Но, каде е одговорноста за овие сторувања?

ФОКУС: Верувате ли дека на следните избори ќе се промени нешто на овој план, се разбира освен законите кои постојано се прогласуваат за виновни?

КАРАКАМИШЕВА: Ако не се направи голем исчекор напред во начинот на практикувањето на политиката, ако институциите не почнат сериозно да постапуваат согласно своите законски надлежности, ако не се почитуваат принципите на професионалност, непристрасност, партиска неутралност, и владеење на правото, не сум оптимист дека работите ќе се движат во позитивна насока. Институциите мора да профункционираат како вистински државни институции кои го бранат државниот интерес. Истовремено мора да се случи промена и во смислата и суштината на постоењето на партиите.

Партиите мора да разберат дека тие се тука за да ги бранат интересите на сите граѓани, како и општите интереси на Република Македонија како држава, а не само и исклучиво партиските интереси и интересите на елитите кои се секогаш најблиски до партиските раководства.

Забелешка
УПРАВНИОТ
СУД БЕШЕ ЗАТВОРЕН ЗА ЈАВНОСТА

ФОКУС: Управниот суд за прв пат на последниве избори ја презеде надлежноста од Врховниот суд да одлучува по тужбите против решенијата на ДИК. Го положија ли управните судии овој испит?

КАРАКАМИШЕВА: Во однос на работата на Управниот суд му се забележува за нетранспарентноста на неговите седници кога решаваше по тужбите против решенијата на ДИК. И покрај законската обврска за јавно постапување по тужбите, Управниот суд одлучи да остане затворен за јавноста при одлучувањето, освен при објавувањето на содржината на тужбите кога беше транспарентен и отворен за јавноста. Заклучок од анализата е дека Управниот суд не ги употреби сите доказни средства, односно целокупниот изборен материјал кога постапуваше по тужбите, иако имаше можност тоа да го стори. Факт е дека тие кога одлучуваа по тужбите, исто како и членовите на ДИК кога одлучуваа во постапката по приговорите, беа ограничени во работата со многу кусите рокови кои се содржани во Законикот. Треба да се напомене дека Република Македонија има најбрза постапка на одлучување по приговори, односно по тужби споредено со сите држави-членки на Советот на Европа.

Предлог
ДА
СЕ ПОНИШТАТ РЕЗУЛТАТИТЕ ЗАРАДИ НЕЗАКОНСКО ФИНАНСИРАЊЕ

ФОКУС: Што предлагате како санкција за партиите кои победиле на изборите сомучки“ во финансирањето на кампањата?

КАРАКАМИШЕВА: Поради констатираните повреди на законските одредби во делот на финансирањето на изборната кампања од страна на учесниците во изборниот процес уште еднаш се наметнува потребата од промена на законската регулатива во делот на времето кога ревизиските извештаи треба да бидат доставени до ДИК. Во овој контекст, ќе мора да се утврдат и директни последици по учесникот на изборите доколку Државниот завод за ревизија евидентирал незаконско трошење на средства во текот на кампањата. Се предлага, на пример, да се поништат изборните резултати, пред тие и официјално да бидат прогласени од страна на ДИК, за онаа или оние партии кои со злоупотреба на финансиските средства дошле до изборна победа.

Поврзани новости