Да придонесе во промоција на брендот „Македонија“ е една од целите и задачите на шефицата на канцеларијата на грчкиот премиер во Солун, која денеска беше назаначена со одлука на претседателот на владата на Грција, Кирјакос Мицотакис.
Конкретната функција ја презема поранешната пратеничка од Нова демократија, Мариа Андониу.
-Целта е канцеларијата на премиерот во Солун да добие суштинска улога и содржина, не само за контактите со граѓаните и справување со проблемите на градот, туку и во соработка со заменикот министер за Македонија и Тракија и локалните власти да придонесе во развојот на регионот и промоција на брендот Македонија, соопштуваат од кабионетот на Мицотакис.
На денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на новинарско прашање дека кога претходникот на Мицотакис, Алексис Ципрас ја отвори канцеларијата на премиерот во Солун, Нова демократија сметаше дека е бескорисна канцеларија, министерот и портпарол на грчката влада, Стелиос Пецас, рече дека тогаш не постоеше „штетниот Договор од Преспа”.
-Многу работи се сменети од тогаш, а основното што е сменето е дека во меѓувреме дојде национално штетниот Договор од Преспа и како што знаете премиерот во неговата агенда ја стави заштитата на брендот Македонија и промоција на македонските производи секаде во светот. Сметаше дека е соодветно да се задржи оваа институција, рече Пецас и објасни дека шефицата на кабинетот на премиерот во Солун, ќе биде канал на комуникација меѓу премиерот со заменикот министер задолжен за Македонија и Тракија , со префектот со градоначалникот и со локалните власти во поширокиот регион на северна Грција за, како што рече, „да го имаме посакуваниот резултат”.