Јоксимовиќ го одржа претпоследниот концерт за годинава во Охрид, се посветува на нов бизнис

by fokus

Концертот на српската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ во Охрид, кој се одржа пред три дена на стадионот ,,Билјанини извори” беше неговиот претпоследен концерт за оваа година. Според неговата официјална агенда, тој ова лето има уште еден настап, на 30-ти август во Торонто, Канада, а потоа ќе направи пауза.

Како што известуваат српските медиуми, паузата се должи на неговиот нов бизнис, отворање на три кабловски телевизии, кое треба да се случи на почетокот на есента.
Регулаторното тело за електронски медиуми на четврти јуни издало дозвола за емитување на три канали. ,,К1” било предвидено да биде музички канал, ,,Стајл Фајл” телевизија наменета за децата, и ,,ТВ ДР”, канал посветен на здравството.

Телевизиите припаѓале на компанијата ,,Минакорд медиа” која Јоксимовиќ ја основал годинава во мај.

Својот следен настап популарниот пејач го договорил дури наредната година, за празникот Свети Валентин, на 14-ти февруари, а до тогаш максимално ќе се посветел на новиот бизнис.

Инаку, Јоксимовиќ е редовен гостин во земјава. Речиси да нема поголем град каде не бил главна ѕвезда за време на општинска манифестација. Во Прилеп на Пивофест, во Струмица на Опен Фест, во Кавадарци на Тиквешки гоздобер, во Штип на Пастрмајлијада, во Велес на Питијада, во Дојран, Охрид, Македонска Каменица… Во Скопје има одржано низа на концерти во МНТ и во ВИП Арена Борис Трајковски во изминатите години.

На стадионот ,,Билјанини извор”, во Охрид тој пееше и пред шест години, на истата дата, трети август. Тогаш изјави дека Македонија ја чувствува како своја поради честите гостувања и големото гостопримство и многу му значело што луѓето овде имале смисол за хумор.

Вики Клинчарова

Поврзани новости