Грчкото електростопанство ППЦ, сопственик на македонската ЕДС, под антимонополски обвиненија од ЕУ!

Антиконкурентната практика се случила помеѓу 2013 и 2019 година, кога ППЦ ја злоупотребила својата доминација на грчкиот пазар на големо на електрична енергија, продавајќи електрична енергија произведена од нејзините централи по цени под нивните варијабилни трошоци, соопшти ЕК.

by Фокус

Најголемото грчко претпријатие за електростопанство Public Power Corp (PPC), коe во земјава ја поседува компанијата за трговија со струја Енерџи Деливери Солушнс (ЕДС), беше обвинета од антимонополските регулатори на ЕУ за продажба на електрична енергија на големопродажниот пазар по цена помала од трошоците, што може да доведе до голема парична казна.

PPC hit with EU antitrust charges of selling below-cost electricity

Како што соопшти Европска комисија, антиконкурентната практика се случила помеѓу 2013 и 2019 година, кога ППЦ ја злоупотребила својата доминација на грчкиот пазар на големо на електрична енергија, продавајќи електрична енергија произведена од нејзините централи по цени под нивните варијабилни трошоци.

„Сомнителните ефекти од ова наводно однесување на грчкиот пазар на големо за електрична енергија беа тоа што независните даватели на електрична енергија беа маргинализирани, а инвестициите во поеколошки извори на енергија беа спречени“, стои во соопштението на спроведувачот на конкуренцијата на ЕУ.

Во него уште се наведува дека таквата акција би можела да ги спречи независните даватели на електрична енергија да се прошират на малопродажно ниво. Затоа, како што се истакнува, однесувањето на ППЦ може да доведе до „повисоки цени за грчките потрошувачи, како и повисоки нивоа на емисии на загадување“.

Од друга страна, ППЦ истакнала дека наводите се поврзани со периодот пред обновувањето на пазарот на електрична енергија во Грција и трансформацијата на претпријатието во модерна компанија. Патем, од таму порачуваат дека друштвото ќе „продолжи да соработува со Комисијата и ќе ги преземе сите соодветни и неопходни чекори за да ги брани своите права“.

Како што е познато, грчката ППЦ е присутна во земјава преку ЕДС (Енерџи Деливери Солушнс), која е основана од бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, кој неодамна се најде на црната листа на САД. Тој во 2018 година за 4,3 милиони евра ја продаде оваа фирма на грчката национална компанија за произвoдство на струја.

Инаку, ЕДС е една од трите компании, односно конзорциуми, заедно со државната ЕСМ и австриската ЕВН, што доставиле понуди во рамки на владиниот тендер за избор на нов универзален снабдувач, кој во период од 5 години, почнувајќи од средината на оваа 2024 година, треба да ги снабдува со електрична енергија малите потрошувачи, како и осумстотини илјади домаќинства.

Грчката ЕДС го „лови“ тендерот за универзален снабдувач со помош на човек-фирма без активност, чија сестринска компанија во Србија е во ликвидација!

Без оглед што прави голем обрт и бележи раст, ЕДС работи во загуба. Според финансиските извештаи, во 2020 година нејзините приходи изнесувале 3,6 милијарди денари, но годината ја завршила со загуба од 230 милиони денари. Во следната 2021 година, приходите изнесувале 4,2 милијарди денари, но повторно имало загуба од милијарда денари. И, во 2022 година, приходите изнесувале 6,5 милијарди денари, а загубата 66 милиони денари.

Поради тоа, ЕДС не е во можност самостојно да го „лови“ тендерот за универзален снабдувач, бидејќи не го исполнува условот кој предвидува збирен позитивен финансиски резултат или добивка во последните 3 години. Затоа, на компанијата и треба поддршка, но не настапува со фирмата-мајка, односно со државната грчка ПЦЦ, туку со Пан Интертрејд, фирма со еден вработен која бележи пад на приходите низ годините.

Според Централниот регистар, оваа компанија за трговија со електрична енергија е основана во 2011 година, а нејзини сопственици се Градимир Панчиќ и Стефка Аспарухова Трифонова. Таа бележи променливо работење во земјава, ако се земе во обзир дека во 2018 година имала приходи од 1,2 милијарди денари, за во 2019 и 2020 да падне на околу 4 милиони денари. Скок се бележи во 2021 година од 37 милиони денари, а во 2022 немала никаква деловна активност.

На официјалниот сајт на компанијата стои дека е лиценциран трговец и снабдувач со електрична енергија во Македонија, која работи успешно од 2012 година и зад себе има одлични резултати во изминатиот период. Воедно, нотирала дека од 2014 година почна да работи и во Србија преку фирмата Пан Интертрејд Србија и со тоа го зајакнала своето учество на балканскиот пазар на електрична енергија.

Податоците од српскиот трговски регистaр покажуваат дека друштвото со назив Пан Интертрејд е основано во 2014 година, поточно на 18.02.2014 година, или исто како што напишала македонската Пан Интертрејд на официјалниот сајт. Во одлуката за основање на српската Пан Интертрејд се наведува дека нејзин единствен основач е Сандтон Традинг.

Освен тоа, во одлуката потпишана од директорот на Сандтон Традинг, Драгомир Митиќ, пишува дека основачкиот влог изнесува 100 динари, додека непаричниот капитал на друштвото за трговија со струја изнесува над 58 милиони динари, колку што впрочем вреди објектот-самопослуга „Тесла“. За директор на Пан Интертрејд, пак, бил именуван Бојан Митиќ.

Трговецот со струја „Пан Интертрејд“ се оградува од пропаднатата српска фирма, но заедничка врска „лежи“ и во бугарска компанија!

Арно ама, во меѓувреме дошло до формална промена на сопственоста, така што единствен сопственик наместо Сандтон Традинг станува Александра Митиќ, која, пак, на 28.02.2023 година носи одлука за ликвидација на Пан Интертрејд. Тоа следува 3 години откако во 2020 година е ликвидирана фирмата основач – Сандтон Традинг на Слободан Јеремиќ.

Потоа, за поврзаноста меѓу македонската и српската Пан Интертрејд говорат и податоците од бугарскиот трговски регистар, каде содружникот во македонското друштво, Стефка Аспарухова Трифонова, фигурира(ла) како дел од компании и во Бугарија. Една од нив е текстилната Тудорс Бугарија основана во 2016 година од страна на повеќе лица, меѓу кои Аспарухова Трифонова и Бојан Митиќ, управител и ликвидатор на српската Пан Интертрејд.

Сепак, и покрај тоа, од Пан Интертрејд реагираа дека се предмет на напади со цел дискредитација на конзорциумот со грчката ЕДС, кој конкурира на тендерот за универзален снабдувач на електрична енергија во следните 5 години и негира секаква поврзаност со истоимената српска компанија во ликвидација.

Пан Интертрејд Скопје повеќе години работи успешно на македонскиот пазар, иако се соочуваме со нееднакви услови, каде еден снабдувач има привилегирана позиција и користи државни субвенции, што преставува нелојална конкуренција за сите останати субјекти во секторот. Нашата компанија нема никаква поврзаност со компанијата од Србија која беше спомната во некои медиуми“, велат од компанијата.

Исто така, од таму порачуваат дека тие и ЕДС се компании со меѓународен кредибилитет, па затоа немало да дозволат нападите кон нив да го „нарушат корпоративниот имиџ и да влијаат негативно на деловните биланси“. Дури, како што потенцираат, нивните правни тимови ќе преземат дејства ако продолжи, како што велат, кампањата против нив.

Во однос на постапката за избор на универзален снабдувач, се обративме и до ЕДС, од каде кусо ни одговорија дека во овој момент, имајќи предвид дека постапката по јавниот повик за избор на нов универзален снабдувач за домаќинствата и малите потрошувачи се наоѓа во особено чувствителна фаза, не се во можност да даваат јавни изјави. Иако понудите се отворени пред неколку седмици, сепак, се уште не се одржала аукција.

Влатко Стојановски

Поврзани новости