Граѓански организации: На протест во четврток за да не се распишуваат избори

by Фокус 11:31
11:31

Група граѓански организации бараат одложување на изборите на 5 јуни, а во спротивно најавуваат нивни бојкот. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост.

Не постојат услови за организирање регуларни, веродостојни и фер избори на 5 јуни, ниту пак постои време до тој рок да се создадат неопходните услови. Избирачкиот список не е пречистен, не запираат заплашувањата, уцените и притисоците врз граѓаните, функционерите не престануваат со злоупотреба на институциите во интерес на партијата, а медиумите се далеку од правично известување.

Начинот и динамиката со кои во изминатиот период се спроведуваа “реформите” нема да овозможат отстранување на овие недемократски состојби кои се погубни за да се одрази реалната политичка волја на граѓаните.

- Advertising -

Наместо повеќе демократија, владеење на право и појасна поделба на власта, ние во изминатиов период бевме сведоци на уназадување на овие процеси преку еднострана и неуставна одлука за одложено распуштање на Собранието, скандалозен чин на овозможување помилување за изборни измани од страна на Уставниот суд и контраверзни одлуки на Кривичниот и Апелациониот суд во врска со истрагите на Специјалното јавно обвинителство.

Граѓани и граѓанки,

Македонија ризикува да влезе во нова, поопасна антидемократска провалија при која повторно ќе се фалсификува и силува нашата политичка волја. Поради тоа, избори на петти јуни не смее да се распишат, ниту да се одржат. Собранието на Република Македонија на чело со неговиот Претседател треба веднаш да ја увиди оваа ризична состојба во која се наоѓа државата, итно да се состане и да ги одложи изборите се до исполнувањето минимум неопходни услови за тие да бидат регуларни, чисти и фер. Во спротивно, ако тоа не се случи, не останува ништо друго освен активно да ги бојкотираме криминалните, наместени и однапред украдени избори.

Затоа,

Ве повикуваме на протест во четврток (14 април 2016 година) во 18:00 часот пред Собранието на Република Македонија за да им порачаме на Претседателот и на целото Собрание да не се распишуваат избори додека не се исполнат условите за тоа.

Ве повикуваме заедно и гласно да им порачаме на властите, на јавноста и на меѓународната заедница дека граѓаните на Македонија уште во 1991 година избраа демократија и плурализам, а не режим кој ги потиснува правата и слободите на граѓаните.

Ве повикуваме заедно и одлучно да им кажеме: ОДЛОЖЕТЕ ГИ ИЗБОРИТЕ! ВО СПРОТИВНО – БОЈКОТ!

 

Поврзани новости