ДОМ: Оставка за Иванов, не ни треба ни монарх, ни марионета

by Фокус 11:22
11:22

Преку аболиција на „сите политичари“ за кои се води или ќе се води судска постапка за криминал, корупција, изборни измами или кршење на човековите права и слободи, Иванов го згази правниот поредок во земјата, ги закочи демократските реформи, ја згази пресумпцијата на невиност и однапред ги прогласи за виновни сите лица за кои СЈО поведе постапки, следејќи ги индициите од прислушкуваните разговори, реагираа од ДОМ, по вчерашната одлука на шефот на државата Ѓорѓе Иванов.

ДОМ бара оставка од Иванов, зашто тој со еден проглас направи серија кривични дела, се дискредитира како претседател на држава, се понижи себеси како правник и ја засрами благородната професија, чија мисија е обезбедување право и правда.

- Advertising -

– Иванов направи длабок расцеп во македонското граѓанско ткиво, под плаштот на самопрогласен „обединител“. Тој направи и расцеп помеѓу Република Македонија и останатиот демократски свет, објавувајќи странски заговор против неа! На Македонија не и треба монарх кој со проглас ќе одлучува за нашите животи, ќе дели милост надвор од закон, по лична воља, и нема да одговара пред никого! На Македонија не и треба ни марионета, која ќе глуми претседател, а ќе игра според вољата на политички моќници во чии конци се вплеткал! На Македонија и треба враќање во нормалност, а тој процес во овој момент треба да започне со институционална борба на свесните пратеници за свикување вонредна собраниска седница за измена на одлуката за распуштање на Собранието, по што ќе следи постапка за импичмент на претседателот – се вели во реакцијата.

 

Поврзани новости