Тројцата кандидатити за градоначалник на Неготино, денес ги изненадија своите сограѓани со заедничка фотографија, на која позираат во угостителски локал во центарот на градот.
,,Почитувани пријатели, во име на нашите вредности за кои се боревме и за кои зборувавме секојдневно, седнавме да поразговараме со моите политички противници во оваа изборна трка’’- појасни под фотографијата Тони Делков од СДСМ, кој е новиот градоначалник на Неготино.
Покрај него, во релаксирана атмосфера се и Златко Пенков, кој беше кандидат на ВМРО ДПМНЕ, и Ѓорѓи Ајтов, независниот кандидат. Тројцата се почестиле со специјалитетот на градот, традиционалната неготинска пита.
Веднаш по објавата на фотографијата, сите тројца започнаа да добиваат пофалби за својот потег, со кој ги надминале предрасудите и суетите, и како зрели и одговорни личности седнале на заедничка маса.
-Така треба, ако се мисли на доброто на граѓаните; Ова е демократија; Почит, многу коректно; Ваква средба можат да организираат само разумни луѓе; Вака треба да соработувате и да дадете пример за другите; Сликата да биде школо за сите во Македонија – се само дел од коментарите на социјалните мрежи.
Делков освои победа на изборите со предност од 825 гласа пред Пенков, додека независниот кандидат Ајтов освои само 135 гласа.
Вчера, јавноста го пофали и потегот на Златко Пенков, кој организираше прес на кој му ја честиташе победата на Делков во првиот круг.
Вики Клинчарова