Гори површина од илјада хектари во Владимирово, Беровско. Како што информира Александар Чамовски од шумската полиција во Берово, за МИА, во тек е акција за гаснење на пожарот кај месноста Материца во атарот на село Владимирово.
– Во акцијата за гаснење на пожарот активно учествуваат претставници на Шумска полиција и Јавно претпријатие „Македонски шуми“, како и месното население кое со земјоделска механизација ни помага во заобиколување на местото на настанатиот пожар. Површината е огромна и правиме натчовечки напори пожарот да биде локализиран, информира Чамовски.
Апелира до сите кои живеат во близина на опожарената месност и од село Владимирово, како и од пошироката околија, ако се во можност да дојдат да помогнат со цел пожарот да биде локализиран.
Додека трае акцијата за гаснење на пожар во Владимирово, екипи на ТППЕ од Берово се наоѓаат на втората опожарена локација во беровскиот регион. Тие го гаснат пожарот, што избувна во атарот на село Русиново. И во двата случаи ветерот им прави огромен проблем на сите вклучени во гаснењето на пожарите. Како најверојатна причина за предизвикувањето на пожарите се наведува човечкиот фактор.