Македонија гори, пожари на најмалку 12 локации

by fokus 14:11
14:11

Центарот за управување со кризи на нивната веб страница објави информација за активните пожари на отворено до 13 часот.

-Според оваа информација, во скопски регион во место викано Љуботенски бачила побарано е ангажирање на авиони за гаснење на пожар кој зафатил поголема површина на нискостеблеста дабова шума и трње. Поради силниот ветер пожарот се шири кон местото „Башинец“, а теренот е непристапен. На самото место се упатени припадници на шумско стопанство Караџицa.

- Advertisements -

Во близина на фабриката за тули „Типо“ – Драчево има активен пожар кој зафатил и дел од пругата. Побарано е од ЕВН да ја исклучи струјата на таа траса поради интервенција со вода. Шумски пожар е појавен и кај манастирот Св. Богородица – Матка, а поради силниот ветер пожарот се шири брзо. Известена е БППЗ на Град Скопје и ШС Караџица.

Во битолски регион, активен е пожарот кај селата Прељубје и Покрвеник. Гори сува трева и трска, и неколку овошни насади, опожарена е површина од околу 50 хектари. Ангажирани се ТППЕ-Единица и ренџерска служба како и лица од месното население.

Пожарот во Национален Парк Галичица реонот туристичка населба Сирхан, на местото викано Кале се движи кон село Отешево, а опожарено е околу 70 хектари, гори сува трева и нискостеблеста шума. Во гаснењето на пожарот интервенираат лица од Национален парк Галичица, и пожарникари од ТППЕ-Ресен. Ограничено е гасењето од земја од причина , што има остатоци од експлозивни средства од Првата светска војна.

Во тетовскиот регион, се уште е активен пожарот кај с.Лакавица, општина Желино. Од ЕЛС Желино е испратено и писмено барање до ДЗС Тетово за употреба на канадерите за интервенција за гасење на пожарот кој е на тешко непристапен терен.

Од пожарот кај Желино се изгорени и 5 електрични столбови, а селата од тој реон се без електрична енергија, за што се информирани ЕВН од каде што се излезени екипи на терен за согледување на состојбата и интервенција и санирање на последиците.

Во охрдискиот регион, во моментот има активен пожар во атарот на село Рамне во многу непристапен терен, гори ниска деградирана шума и смрека. На гаснење на пожарот има вработени од ШС.Сандански.

Во општина Македонски Брод се интервенира на пожар во атарот на село Ботушје каде гори дабова шума. На гаснење на пожарот интервенираат вработени од ШС Сандански и од месното население.

Во велешкиот регион, активен пожар има во атар на с. Црешнево. Во гаснењето на пожарот интервенираат екипа на ШС Бабуна и пожарникари од ТППЕ Велес. Во општина Чашка има пожар во атарот на с. Богомила, екипа на ШС Бабуна интервенира со правење на заштитен појас.

Во штипскиот регион, во атарот на Саса местото викано Трканица Владимирово има активен пожар каде гори папрат и деградирана дабова и борова шума. Во гаснењето на пожарот интервенираа авиони од ДСЗ. На терен се ТППЕ Делчево, со вработени од Шумското стопанство и месно население за да се спречи ширење на пожарот кон викенд куќички.

Во кумановскиот регион, во моментов има активен пожар во Општина Липково во атарoт на село Никуштак кај место викано Баре. Екипи на Шумско стопанство се на терен и интервенираат во гаснење на пожарот, информираат од ЦУК.

Поврзани новости