Голобради момци безобѕирно напаѓаат граѓани, МВР се уште им нема траг

by fokus

Млади, голобради момци, адекватни за лична и политичка манипулација во последниве неколку денови, откако се предлабочи политичката криза во државава, безобзирно, вршат вербално и физичко насилство и малтретирање врз граѓани, а МВР се уште нема каква било трага за сторителите.

Ресорното министерство ги осуди инцидентите, го осуди оштетувањето на туѓи предмети, како и испишување графити со недолична содржина или со содржина која предизвикува омраза, но граѓаните очекуваат од органот на прогонот да ги открие и нарачателите и извршителите на ваквите бескрупулозни напади ?

Досега се извршени повеќе од десетина инциденти, МВР мора совреме да ги открие и да им каже на граѓаните кој стои зад сите овие напади, а кои се дел од организирано сценарио?

Бруталноста почна кога на протест во Скопје пред Триумфалната порта беа нападнати и претепани снимателот Владимир Желчевски и новинарот Александар Тодевски, известувачи на порталот А1 Он.

Фото: Слободен печат

Потоа почнаа со испишување графити на домовите на политичките неистомисленици. Нападната со графит беше куќата на пратеничката Татјана Прентовиќ.

Дрско беше нападнат и новинарот Борјан Јовановски, а снимка од недоличната сцена во ресторанот Воденица, во кој Јовановски беше исплукан од младо момче, подоцна беше објавена на Фејсбук.

Провокација и вознемирување беше режирано и во домот на новинарот Бранко Тричковски, како и пред куќата на режисерот Владимир Милчин, поранешен прв човек на Сорос – Македонија:

„Момчето седеше на клупа пред куќата во која живееме. Немаше капа. Држеше телефон. Андроид. Кога Ема и јас излеговме, стана и ми се обрати: Господине Милчин, зошто не му се придружите на македонскиот народ на протестите? Му одговорив дека не одам со тие кои тепаат новинари. На тоа тој изговори антологиска реченица: МОМЕНТАЛНО НЕ ТЕПАМЕ! Тоа беше вчера, малку пред инцидентот кога момче со капа го плукнало Борјан. Момчето без капа пред нашата куќа изговори и нешто како прашање дали не му се придружувам на македонскиот народ зашто си седам дома и ги бројам парите од Сорос. Звучеше нервозно и неуверливо, папагалски повторуваше научени реплики.

Изутринава на истата клупа седеше друг. Со капа. И тој имаше телефон. Андроид. Телефонираше, па се шуткаше, па пак телефонираше. Па стана и отиде до големата улица. Таму му се придружија момче и девојка кои си постојаа со него, па ги снема. Момчето со капа остана, загледан кон куќата од која очекуваше да излезам. Потоа, виде не виде, го снема..“, напиша Милчин на својот профил на Фејсбук.

Фокус претпладнево упати неколку прашања до МВР и до Бирото за јавна безбедност за тоа какви мерки преземаат за расчистување и расветлување на последните инциденти во кои млади лица вршат вербални и физички напади на јавни личности и новинари ? И дали е идентификувана организираната групата што врши снимање на таквите инциденти и ги дистрибуира по социјалните мрежи? Одговор од МВР се уште нема.

С.М.

 

Поврзани новости