,,Големи и мали”, изложба на Владимир Темков со слики создадени за време на пандемијата

by fokus

Мр. Владимир Темков ја најави својата изложба на слики која ќе биде отворена на 12-ти февруари во 12 часот, во галеријата на Дом на култура ,,Иван Мазев Климе” во Кавадарци.

Изложбата е со наслов ,,Големи и мали”, а за ,,Фокус” ликовниот уметник појаснува дека сите слики ги изработил во ек на пандемијата, во 2020 и 2021 година.

-Во време – невреме на пандемија на Ковид-19, кога времето застана, се создадоа временски услови за посветување на индивидуалното творештво. Резултатите од ова творештво посебно во сликарството се отсликаа во овие слики кои се поставени во градската галерија во Кавадарци – појаснува Темков.

Вели дека темата на сликите е “Големи и мали”, приказна од детството на маалската улица кога децата се делеле на големи и мали.

-Сега сакам да прикажам дека и сликите со мал формат се подеднакво важни во моето творештво како и сликите со голем формат. Големината на моето творештво е во малиот формат.Темата е водите во Тиквешијата, односно бојата на небото и водата во Тиквеш – вели Темков кој има над 40-годишен творечки стаж зад себе.
На изложбата се поставени неколку слики со димензии 280×100, 160×120, 150×100, и 30×40.

Вики Клинчарова

Поврзани новости