Ме трогнаа сликите со децата, вели Оливер Илиевски, кој донесе светлост во домот на семејство со четири деца

by fokus

Прочитав за семејството Василевски од Куманово во ,,Фокус” и навистина ме трогнаа фотографиите со четирите дечиња, од кои две се со попреченост. Голем грев е цело семејство три години да живее без електрична енергија, затоа не се двоумев и веднаш се упатив кон нивниот дом – за ,,Фокус” раскажува Оливер Илиевски од Куманово, кој со својот хуман гест ја прекина голготата на фамилијата Василевски, кои со години живеат во мрак, бидејќи немале 24.000 денари за да си платат приклучок за струја.

Тој веднаш откако го посетил семејството, ја уплатил на сметка потребната сума за приклучок. Вели дека е среќен што ќе им го олесни животот на децата, а исто така се заангажирал да помогне да се најде вработување за таткото на децата, Денис.

-Стапив во контакт со повеќе компании во Куманово, се надевам дека ќе се најде работа за Денис, и тој ќе може да има редовни примања. Исто така, сега кога семејството конечно добива електрична енергија, ќе им бидат потребни и производи од бела техника, па би апелирал до општествено одговорните компании и до хуманите граѓани, доколку се во можност, да им излезат во пресрет – раскажува Илиевски, кој е директор во Водостопанство Куманово.

Додава дека сумата која ја уплатил за семејството изнесува колку половина од неговата плата, но ниту за миг не се двоумел, откако видел во какви услови живеат четири малолетни деца.

За ова семејство ,,Фокус” апелираше во повеќе наврати. Таткото ја изгубил работата поради ковид кризата, а мајката не одела на работа бидејќи морала да се грижи за децата, од кои едно е со церебрална парализа, а пак друго не може да зборува.
Нивната најмала ќерка, шест-годишната Дијана, која оди на училиште пред десеттина дена ни изјави дека најмногу би сакала да добие нови патики и шарен ранец, какви што имале и нејзините соученици.

Во телефонски разговор Денис вели дека останал без зборови од хуманиот гест на Илиевски. Ќе му бил благодарен до крајот на животот, и сите биле во исчекување на утрешниот ден, кога конечно сијалиците ќе светнеле и во нивниот дом.

-Луѓето како Оливер Илиевски се вистинска реткост, и токму тие ја враќаат вербата во човештвото. Немам доволно зборови за да му искажам благодарност, ние со години се молевме и апелиравме за помош, па кога тој ни дојде на врата, спремен да помогне, дури останавме во неверување.
Изгубивме надеж, но тој повторно ни ја врати вербата. Благодарен сум и на редакцијата на ,,Фокус” која не се откажа од нашиот случај и редовно пишуваше за состојбата во која се наоѓаме, апелирајќи за помош. Моите деца повеќе нема да седат со свеќа, ќе ни се промени животот на подобро по три години поминати во мрак – вели Василевски.

Појаснува дека се уште им е потребна помош во бела техника, облека, храна, но и градежни материјали, за да можат да го средат купатилото, бидејќи ги носеле децата на капење еднаш на две недели кај соседите. Се жали дека има доста влага во собата во која живеат, плафонот протекувал, и потребни му биле средства да догради уште една соба, но и да ги санира штетите во собата во која живеат.

За помош на ова кумановско семејство може да се донира на следната сметка: Сабина Василевска 200 002545685937 Стопанска банка, со назнака донација.
Број за контакт: 077 854 865

Вики Клинчарова

Поврзани новости