Голем интерес за вакцинација без закажан термин, се движиме кон половина милион вакцинирани граѓани

by Fokus

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 428.081 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 6.413 граѓани, а вкупно се вакцинирале 9.335 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 676.620 дози вакцини, а ревакцинирани се 248.539 граѓани.

Вакцинацијата, како што посочуваат од Министерството за здравство, се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува.

Со последните бројки 56 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 53 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 49 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

– Голем е интересот за вакцинација без закажан термин. Со прва доза и без закажан термин се вакцинираат возрасни лица што сакаат да се вакцинираат, во пунктовите во Здравствените домови низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, наведуваат од Министерството.

Поврзани новости