Доброто срце секогаш победува, порача Јанинка, сестрата на Митко Јанчев

by Fokus

Веќе 16 години татко ми не е со нас. Да беше жив, ќе полнеше 68 години. Во негова чест, ова е четврта година по ред, како ги доделуваме стипендиите преку фондацијата „Никола Јанчев”, и со тоа десет нови стипендисти од Кавадарци стануваат дел од нашето хумано семејство. Фондацијата ни е аманет од него. Им честитам на стипендистите, очекувам успех од нив, затоа што Кавадарци има добра младина и вредни студенти кои ќе продолжат да го движат градот во вистинскиот правец– изјави кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, по повод хуманиот настан кој вчера се одржа во градот.

-Фондацијата е основана во 2018 година, и во овие четири години направивме донации во вредност од над пет милиони денари. Стипендии за талентирани ученици од основни училишта, средни училишта и студенти на факултет, 120 прочистувачи за воздух во сите општински училишта во Кавадарци, централен довод за кислород за секој кревет во модуларната ковид болница во градот, сите овие донации се дел од портфолиото на фондацијата, на што сум многу горда. Им честитам на новите стипендисти, и сакам да порачам дека во животот треба да се насочиме кон она што е добро, да го храниме срцето со радост и добрина. Да се смееме на малите нешта, да бидеме хумани и да помагаме. Фондацијата во чест на татко ми ќе продолжи со несебична поддршка, водена од мотото дека доброто срце секогаш победува – изјави Јанинка Чупаркоска, сестра на градоначалникот Јанчев и ко-сопственик во нивната семејна фирма Кожувчанка, основана од нивниот татко Никола во далечната 1995 година.

Фондацијата беше основана на 14-ти февруари 2018 година, на денот кога се слави празникот на лозарите во Кавадарци. Тогаш градоначалникот Јанчев ни изјави дека како почетен влог во донацијата, неговото семејство донирало 10 илјади евра, а потоа секој месец и неговата плата во износ од околу 1.000 евра се додавала на сметката. Стипендиите на талентираните ученици се доделуваат два пати годишно, и тоа на верскиот празник Петровден на 12–ти јули и на верскиот празник Свети Никола на 19-ти декември.

Околу тоа кој ќе добие стипендија одлучува стручна комисија составена од лица од бизнис секторот, професори, советници… Ова е прва фондација од ваков вид во градот.

-Ние се трудиме да го следиме патот кој татко ми ни го трасираше, водени со хуманоста напред. Неговиот аманет беше да бидеме од корист за заедницата и секогаш да му помагаме на послабиот. Верувам дека ќе беше горд на нас – изјави Јанчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости