Ѓоко Ѓорчев: Тоа сум јас, од Неготино до Црвениот плоштад во Москва!

by fokus

Бев само едно младо момче од Неготино, кое имаше големи соништа. Сонував да застанам на големата сцена, како на домашната, така и на странската. И во далечната 1970 година, тој мој сон започна да се остварува. Кариерата ми почна од Неготино, со настап на манифестацијата ,,Најдобар глас”, за да потоа стигнам и до настап на Црвениот плоштад во Москва- за ,,Фокус” раскажува популарниот музичар Ѓоко Ѓорчев, познат во јавноста како македонски Том Џонс.

Вели дека на своите верни фанови ќе им се оддолжи за остварувањето на сонот, со јубилеен концерт, кој ќе се случи на градскиот плоштад во Неготино, во втората половина на август. Потоа, на есен, ќе одржел концерт и во Скопје.

-Од Неготино започна се, таму и ќе се случи концертот по повод 30 години на сцената. Поради пандемијата со корона вирус, првичниот концерт кој требаше да се одржи во Скопје лани, беше одложен, и тоа само два дена пред договорениот датум. Така налагаше состојбата, се одложи се што беше планирано за тој период, а сега, кога се создадоа услови за настани во живо, време е да се оддолжам.

На сите пријатели, поддржувачи, на оние луѓе кои цели 30 години се мои слушатели и допринесоа да го живеам мојот сон, со голем јубилеен концерт ќе им кажам благодарам – вели Ѓочев.

Додава дека без поддршката од семејството не би бил она што е денес. Се заблагодари и на винаријата Бовин, која стои зад неговите проекти, а ќе застанела и зад најавениот концерт, но се присети и на неговиот починат брат Влатко, кој цел живот несебично го поддржувал.

-Градоначалникот Тони Делков ми кажа дека заедно со Совет на Општина Неготино со задоволство ќе го поддржат овој настан. Благодарен сум поради тоа, сепак ова е убаво дружење со моите сограѓани. Покрај мене на сцената ќе застане мојот пријател Филип Стевановски со својот бенд во проширен состав.

Како што се пее во песната ,,Мојот пат”, да, ова е мојот пат, ова е патот на момчето од Неготино кое достигна скоро се во кариерата, осум студиски албуми, многу награди, фестивали, домашни и светски сцени, во друштво на големи имиња од сцената.

И не запирам овде, продолжувам напред и само велам, Господ здравје да ми дава! Далеку е денот кога ќе кажам доста е, бидејќи ова сум јас, ова е мојот живот! – раскажува музичарот.

За есенскиот концерт во Скопје, кој ќе биде негов трет солистички концерт во метрополата, најавува голем број на музички гости.

Не крие дека му годи кога ќе му речат дека со песна го прославил Неготино, чиј амбасадор бил насекаде каде настапувал. Вели дека музиката го одржува неговиот дух, а по најавените концерти ќе започне со работа на нови музички проекти.

Вики Клинчарова

Поврзани новости