Гевгеличанецот кој се инфицираше на крштевка, еднаш го прележал вирусот и бил вакциниран, потврди д-р Олумчев

by Fokus

Со разлабавените мерки и со недисциплината која е присутна во голема мерка, работата, би рекол народски, е за никаде! Во Гевгелија немавме активен случај на вирусот околу два месеци, сега повторно имаме инфициран пациент – вака за ,,Фокус” раскажува д-р Сашко Олумчев, епидемиолог во ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес, ПЕ Гевгелија.

Тој појаснува дека пациентот од Гевгелија кој сега е позитивен, бил на крштевка во Скопје. На веселбата присуствувале околу сто гости. И покрај тоа што веќе еднаш го прележал вирусот, а исто така ја примил и втората доза од вакцината пред околу еден месец, тој пројавил симптоми на Ковид-19. Тестот бил позитивен.

-Пациентот има температура, кашлица… И неговата сопруга има сипмтоми, беше негативна на тестот, но по некој ден повторно ќе биде тестирана. Вакцинирани се, за среќа, и очекувам со лесно да поминат. Пораката од овој случај е јасна, мора да се спазуваат мерките, и покрај тоа што некој е вакциниран. Според моја проценка, треба да поминат барем три месеци по втора доза на вакцина, за да може да се достигне повисоко ниво на заштита.
Но, во никој случај не смеат да се игнорираат мерките. Да се носи маска во затворен простор, да се држи дистанца, тоа е дел од нашата култура и општествена одговорност, не само кон нас, туку кон цела заедница. Не гледам што има тешко во спазувањето на овие мерки, без оглед дали некој веќе е имунизиран – тврди епидемиологот.

Додава дека индискиот сој на вирусот кој веќе е присутен кај нас е многу попренослив, но исто така потребно е и помалку време да се инфицира некој кој е во близина на веќе позитивна личност.

-Сите тие собири, свадби, крштевки, веселби, концерти… Во ист ранг ги ставам! Тоа се потенцијални жаришта, без оглед на тоа дали гостите седат или пак стојат на високи маси. Самата близина помеѓу луѓето е доволна за да букне инфекцијата. Мерките кај нас се олабавија поради економски причини, но очигледно дека народот тоа разлабавување го сфати како можност за забави, свадби, дружби, што е сосема погрешно.

Мора да остане дисциплината, се додека не се стекне колективен имунитет и додека масовно не се вакцинира населението. Само тогаш ќе можеме да кажеме дека ова е зад нас, и дури ако се случи вакцинирани да се инфицираат, нема да се преполнуваат болниците, туку ќе минува инфекцијата со послаби симптоми, слично на грип- раскажува д-р Олумчев.

Според него, веќе сме на праг на нов бран на вирусот, за кој тој се надевал дека ќе дојде на крајот на август. Вели дека бројките на нови случаи ширум светот го покажуваат тоа, дека вирусот повторно зема сила, посебно поради новите соеви кои веќе ги има и кај нас.

-Ако се спазуваат мерките за заштита, овде првенствено мислам на задолжително носење на заштитна маска во затворен простор и дистанца, ако се продолжи вакцинацијата со добро темпо, верувам дека до крајот на годината веќе ќе имаме колективен имунитет. Народот мора да има трпение и да соработува, основните мерки не се никаква тешкотија за да некој бара изговори за нивно непочитување.

И самите сведочевме дека додека имавме построги мерки, имавме тренд на намалување на случаите. Кога се оди на летување, кога се излегува надвор, да не се заборава дека сме среде пандемија и да нема опуштање. Кај нас, во земјава се влегува без негативен тест, но тоа во никој случај не смее да се злоупотребува. Потребна е колективна свест, секој првин да се заштити себе, бидејќи со тоа ја заштитува и заедницата – тврди епидемиологот.

Околу прогнозите за нов бран, уверен е дека нема да ни се случи последното сценарио на кое сведочевме во месец март, кога се бараше слободен болнички кревет. Смета дека колку повеќе луѓе се вакцинирани, и во случај на нивна инфекција, ќе нема потреба од задолжителна хоспитализација, и со самото тоа не очекува голем удар врз здравствениот систем.

-Мислам дека наредниот бран ќе биде поблаг, но тоа во голема мера зависи и од расположението на народот да се вакцинира. Многу голема штета прават антиваксерите, со нивните кампањи и неосновани тврдења, кои за жал, некој може да ги плати и со живот.

Мора да се подигне свеста на народот кога е вакцината во прашање, ја имаме, достапна е за секого, тоа е излезот од состојбата, ако сакаме да се вратиме на стариот живот.

Младите кои се невакцинирани, исто така се една таргет група која несвесно го шири вирусот, треба да се подигне и нивната свест. Апсолутно ги разбирам, сакаат да се забавуваат, да излегуваат, но мора да се има одговорност кон средината. Во тек е нивна имунизација, потребна е верба во науката – ни изјави епидемиологот, апелирајќи уште еднаш до народот да остане дисциплиниран, и да го оствари своето право на имунизација, која спред него е единствениот начин за враќање во нормала и спас на човечки животи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости