Германците пијат се помалку пиво

by Fokus

Потрошувачката на пиво во Германија, некогаш омилениот пијалок во земјата, се намали за 4,5 отсто во 2023 година по краткото закрепнување по пандемијата на Ковид, објави Федералниот завод за статистика во Визбаден.

Додека во 2022 година беше забележан пораст од 2,8 отсто по речиси двегодишен пад за време на пандемијата на коронавирус, во 2023 година потрошувачката на пиво повторно падна за 4,5 отсто на вкупно 8,4 милијарди литри.

„Ова го продолжува трендот на намалување на потрошувачката на пиво во Германија што започна пред пандемијата на коронавирус“, објави во четвртокот Федералниот завод за статистика.

Безалкохолното пиво и пивото увезено од земји надвор од Европската унија не се вклучени во статистиката.

Претставници на околу 1.500 пиварници во Германија изразија загриженост поради продолжувањето на трендот на намалување на потрошувачката на пиво.

„Во 2023 година беше мрачна година за германските пиварници. Падот на потрошувачката во угостителските објекти се чувствува и во количината на продадено пиво“, вели Холгер Ајкеле, директор на Здружението на германски пивари.

Таа изрази мал оптимизам во однос на поттикот што може да го добие консумацијата на пиво од одржувањето на Европското фудбалско првенство во Германија.

Во исто време, Ајкеле ги обвини малопродажните синџири дека принудиле многу пиварници на банкрот со „деструктивна борба за пониски цени“.

Во исто време, како што рече Ајкеле, поради инфлацијата, пиварите се принудени да ги зголемат цените на своите производи.

Поврзани новости