Германската амбасадорка изненади со одличен македонски јазик во Кавадарци, го научила од книги!

by fokus

Германската амбасадорка Анке Холштајн денес ја имаше својата прва посета во Општина Кавадарци, каде се сретна со градоначалникот Митко Јанчев.

Пред да дојде во земјава во месец јули годинава, таа беше амбасадорка во Џибути, а пред тоа беше заменичка амбасадорка во Албанија и во Словенија.

Пред присутните во Кавадарци, Холштајн прозборе на одличен македонски јазик и раскажа дека за Кавадарци и претходно слушнала многу позитивни мислења, па се радува што токму една од нејзините посети надвор од Скопје е во град Кавадарци.

Со течниот македонски јазик, кој многу добро го совладала за помалку од три месеци, откако е во земјава, амбасадорката ги изненади присутните.

Како што појаснува градоначалникот, кој и самиот ја запрашал од кога го владее добро македонскиот јазик и каде го научила, таа му одговорила дека се снабдила со многу книги за изучување на нашиот јазик, а со упорност и цврста волја за кратко го совладала.

-На нашата средба со градоначалникот разговаравме за политичката и економската соработка помеѓу нашите две земји, која е на многу високо ниво.

Германија во моментот претседава со Советот на ЕУ, а со оглед на актуелните состојби нашиот главен акцент е справување со панедмијата и нејзините последици. Овде, во регионот на Западен Балкан сакаме да покажеме дека и нашите партнери можат да се подобрат во борбата со пандемијата. Германија досега го поддржа регионот со пет милиони евра, понатамошни десет милиони се на пат- изјави амбасадорката, која додаде дека била во посета и на германската фабрика ,,Дрекслмајер” која важи за најголем работодавач во регионот.

Потенцираше дека се уверила како се спроведуваат сите здравствени мерки и препораки за заштита од корона вирус во фабриката.

На крај, таа се заблагодари за гостопримството од име на германскиот народ и им посака добро здравје, среќа и напредок на кавадарчани.

-На средбата разговаравме за можни бенефити кои можеме да ги извлечеме од Кавадарци заедно со амбасадата, за најголемиот работодавач ,,Дрекслмајер” и за можни нови вработувања. Република Германија е еден од најголемите поддржувачи на општината со неколку големи гранта.

Првиот грант беше искористен за подобрување на водоснабдувањето и реконструкцијата на водоводната мрежа, значи грант од 620 илјади евра. Сега започнуваме со нови проекти, односно втора фаза, со грант од 2,5 милиони евра, добиен пред две години, преку германската Влада и банка за поддршка и развој, така да Општина Кавадарци и жителите со поддршка на германската Влада ќе добијат комплентна нова атмосферска канализација. Разговаравме и за делот во културата, да се направи некоја манифестација, како германска културна есен, во делот на проектирање филмови, секако според препораките актуелни во време на пандемија- изјави Јанчев, заблагодарувајќи и се на амбасадорката за посетата, со желба наскоро повторно да ги посети.

Вики Клинчарова

Поврзани новости