Почина момчето, кое пред две години беше првиот пациент на кого во Македонија му е извршена трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител

by Fokus

Пишува: Ирена Мулачка

Дваесет и четиригодишниот Филип Димишковски, кој беше првиот пациент на кој пред две години му беше извршена тансплантација на коскена срцевина од несроден дарител на скопската Клиника за хематологија денеска почина, дознава „Фокус“.

Според нашите информации, на младиот пациент му се вратила болеста, акутна миелобластна леукемија и починал од компликации од септична состојба, која се јавила во тек на лекувањето на рецидивот на основната болест, после година ипол по извршената трансплантација.

Болеста му била откриена пред три години и откако никој од семејството не бил компатибилен да му дарува матични клетки, со лекарите одлучиле да бараат од несроден дарител.

Тогаш, здравствените власти се пофалија дека првпат во Македонија е извршена таква трансплантација и дека ќе влезе во историјата на македонската медицина.

„Остваруваме сон на многу генеации хематолози. Покрај 18 години примена на сродна трансплантација, од денеска се врши и несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки. Станува збор за сложена биолошка процедура, со која се лекуваат најтешките заболувања на крвта, а сега се отвора можност покрај домашните, да се лекуваат и странски пациенти на Клиниката за хематологија“, рече тогаш директорката д-р Ирина Пановска Ставридис.

Филип во октомври лани волонтираше и им помагаше на децата што се борат со малигни болести на Клиниката за детски болести. Според објавените фотографии, тој заедно цртал со нив, боел и ги учел првите букви.

Информациите на „Фокус“ ги потврдија и од Клиниката за хематологија и се очекува во текот на наредните неколку денови здравствените власти да проверат што се случило.

За операција на коскена срцевина, која е една од најскапите интервенции, досега се одвојувале меѓу 110.000 и 120.000 евра, а во некои случаи и до 250.000 евра, во зависност од земјата и видот на самата интервенција.

 

Поврзани новости