Во пресрет на закажаниот состанок на Советот за безбедност, ние од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, со голема загриженост, се обраќаме до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со барање и апел да не ги потпишува указите за Законите за полиција и внатрешни работи, изјави потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска.
-Власта, со неверојатна лежерност, протурка скандалозни и опасни измени, кои го укинуваат професионализмот во полицијата и неа ја претвораат во партиски инструмент на принуда, или милиција која ќе биде под директна команда на Министерот за внатрешни работи.
Ова упорно и навалентно инсистирање полицијата да се партизира по секоја цена, создава сериозни ризци за безбедноста во државата, а воедно врши и атак врз самите граѓани. Со новите таканаречени закони , министерот Тошковски добива неограничена моќ и значително проширени дискрециони овластувања.
Сега, тој ќе може да предлага директор на БЈБ, од најшироките области на општествени науки, што е невиден преседан кој цели кон целосно хендикепирање на професионализмот во МВР. Сега тој сам ќе може да поставува началници на Сектори за внатрешни работи и командири, без тие да исполнуваат основни критериуми за стаж, без да имаат искуство или претходно постигнати резултати – рече Чупеска.
Таа додаде дека се бришат и основните професионални критериуми за раководни позиции, што отвора широк простор за инсталација на партиски кадри без соодветно оперативно искуство.
-Го избришале и условот кој децидно предвидува извесен број на години на искуство и стаж за напредување на највисоките раководни позиции, што значи дека, началник може да стане било кој што му е по ќејф на министерот, па дури и да е штотуку вработен приправник.
Ова е апсолутно неприфатливо за позиции кои бараат огромно искуство и лидерски вештини и претставува директно депрофесионализирање на полицијата. Јасно е дека овие измени не се во правец на заштита на слободите и правата на граѓаните , туку на партијата.
Ваквите измени се во директна спротивност со клучните стандарди за полиција на Советот на Европа, посебно со Европскиот кодекс на полициска етика кој промовира важниот принцип: за оперативна независност на полицијата од политички влијанија и бара професионален и меритократски систем на управување – рече Чупеска.