Текстовите и фотомонтажата се објавени во дневен „Фокус“’ бр. 210 и 211 од 27 јули и 28 јули 2012 година
Во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, Љубчо Георгиевски го коментира како „емотивен проблем“ барањето на Тодор Петров за негова кривична одговорност
„Многу ми е жал што сега морам да ја споделам вистината со целата јавност, дека вистинскиот проблем на Тодор Петров со Љубчо Георгиевски не е ниту историјата, ниту идеологијата, ниту политиката. Мислам дека станува збор за емотивен проблем што го има тој човек. Имено, некаде во 1993 година, ние живеевме во иста зграда. Тоа беше време кога тој се обиде да се приближи кон ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш почна често да ме кани на кафе, за да ги погледнеме амандманите што тој често ги поднесуваше во Собранието. И тука немаше проблеми. Проблемот настана кога на тие консултации почна да ме дочекува гол како Прометеј, со само една крпа на појасот, со образложение дека штотуку се истуширал. Тоа се случи едно трипати. Мислам дека уште тогаш на Тодор Петров му дадов јасно на знаење, кои се разликите меѓу Александар Македонски и Тодор Александров!“, раскажува Георгиевски.
Тодор Петров до Љубчо: Одеше ли и Снешка кај Прометеј?
Претседателот на СМК во одговор му се обраќа директно на лидерот на ВМРО-Народна:
„Господине Георгиевски, јасна е алузијата за Александар Македонски и Тодор Александров, неспоредливи двајцата, ти со нив, па никако, ама кога собираше симпатии во 1990 година, што беше Љубчо Георгиевски: ’Сакаме да го потсетиме Македонецот, дека токму од оваа наша почва македонска, тргнаа војските на Александар Македонски и наметнаа една култура на цела Азија и Европа!’ Патем, каде се случила, господине Георгиевски, таа емотивна голотија? Кај мене дома? Ами, ако првиот пат не ви се допаднало, оти седам до вас гол, што мајка баравте дури трипати да доаѓате на голо? А ако навистина тоа се случило, кај кого е емотивниот проблем, кај тој што бил гол дома, или кај тој што одел кај голиот, дури најмалку трипати, кај него дома? И, ѝ кажа на Снешка како изгледам гол? А ја праша дали и таа доаѓаше кај мене на голо? А да не не е во прашање мојата емотивност, туку вашата сексуалност? Скраја да е, Љубчо Георгевски никогаш не бил кај мене дома, никогаш! Која одвратност од човек, кој, за жал, беше и ќе остане за навек само една голема маскота на туѓи и други центри за демонтажа на Македонија!“, пишува Петров.