Поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, истакна дека одлучил да изнесе предлог за надминување на спорот со Бугарија, без претходна никаква координација. Тој посочува дека секогаш кршел табуа во македонската политика, па така е и со овој предлог за спорот со Софија.
-Како што гледате се оградија и од едната и од другата страна, ја дадов оваа идеја за да излеземе од ќорсокакот во кој се наоѓаме после бугарското вето што се случи пред три-четири месеци, а како што ми стои работата и наредната сесија, не гледам дека нешто посериозно се случува – оценува Георгиевски.
Тој вели дека мотивот бил да се стават на маса некои модифицирани идеи за да се тргне напред кон решавање на проблемот.
– Имаме конкретен проблем – Македонија е блокирана во евроатлантската интеграција и ни треба решение како да излеземе и како да одиме напред. Навистина сметам дека Македонија не заслужува да изгуби 20 години во дискусија со Бугарија, туку и две години да ги изгуби мислам дека се многу на патот на европската интеграција – рече Георгиевски.
Тој додаде дека го направил најпатриотскиот чин во однос на Бугарија со декларацијата за добрососедство што ја потпиша со поранешниот бугарски премиер Иван Костов во 1999 година.
– Со една декларација во која нема ниту една обврска кон Македонија затворивме прашање кое стоеше една деценија со Бугарија и ги почнавме добрите односи со Иван Костов. Со таа декларација, Македонија требаше да биде само пријател со Бугарија, ништо повеќе, никакви историски, етнички, идентитетски обврски – истакна Георгиевски.