Георгиевска: Ќе се залагам за сè она што како граѓанин сакам да се подобри во Карпош

by irena 16:10
16:10

Невена Георгиевска е кандидатка за градоначалник на општина Карпош од иницијативата ,,Независни за Карпош“, која во последните четири години беше и независна советничка. Во интервју за Фокус говори за главните проблеми со кои се соочува општината, опструкциите кои се прават кон независните кандидати од страна на големите играчи како и плановите кои би ги реализирала доколку добие шанса за градоначалничка.

  • Се одлучивте да се вклучите во кампањата и да се кандидирате за градоначалник како дел од ,,Незавизни за Карпош”. Кои се вашите главни цели за Карпош и што ќе промените доколку ја добиете шансата да станете градоначалник на оваа општина?

,,Независни за Карпош“ се повеќегодишни граѓански активисти, со години се бориме против погрешните политики кои нетранспарентно беа водени од градоначалниците и советите на општината. Така да главните цели на нашето делување се носење одлуки во интерес на жителите а не инвеститорите, немаме позади себе партија и финансиери така да не сме обврзани да носиме одлуки заради некои повисоки политики, најмалку за нечии профити. Ќе се залагам за сè она што како граѓанин сакам да се подобри во Карпош. 

    1. Повеќе зелени површини и нивно одржување – веќе издејствувавме средства во буџетот за технички бунари за полевање, треба тоа да се имплементира, санирање на сите критични места кои се претворени во депонии – и доколку се на државно земјиште нивно претворање во зелени површини – паркови, површини за рекареација или за одмор и малски дружења. 
    2. Транспарентност во носење на одлуки и работењето на општината, многу информации недостасуваат или не се видливи. Во процедури во кои треба да бидат вклучени граѓаните ќе делувам тоа и навистина да се случи со видливи и подoстапни информации и кампањи. 
    3. Чиста и здрава животна средина. Откривање и спречување на сите нелегални извори на загадување со редовни инспекции, санкционирање. Чести и суштински контроли на регистрирани загадувачи. Потикнување на здрав начин на живот, повеќе места за спорт и рекреација, посебно во основните училишта, програми за повозрасните граѓани за дружење и спортски активности кои потоа ќе можат сами да ги водат и развиват. Прокетите на наша иницијатива беа вклучени во општинските програми за спорт, но беа реализирани. Подршка за производители на органски производи на територија на општивната со нивно вклучување во исхраната на основните училишта и градинки. Компостирање на органски отпад и кампањи за правилна селекција, намалување и одлагање на отпад. Загадување од бучавост – поразличен инспекциски надзор, не само на повик на граѓани.
    4. Сообраќај – безбедни велосипедски патеки, стимулирање на алтернативни начини на превоз и движење.  Обезбедување слободни тротоари и безбедни улици до сите училиштата на територија Карпош, зони 30 и функционални лежечки полицајци. Ќе се  залагаме за воведување на автобуски локален превоз на места каде што нема јавен превоз и се потешко достапани. 
    5. Имплементација на барања на лицата со посебни потреби.

Имаме и многу други интересни проекти кои се во нашата програмата и ќе бидат јасно презентирани. 

  • Кои се главните проблеми кои во моментот би ги издвоиле како најголеми за Карпош?

Загадување – на сите медиуми, почва, воздух, вода. Прекумерна бучавост.

Градење на места каде веќе има оформени градски јадра, искористување на максимално дозволени ресурси, не се почитуваат проектите за паркинг места, нема ни 1% а камоли 20% зеленило на парцела. Носење на ДУПови – дефинитивно огромно внимание ќе посветиме и начинот на нивна изработка.

Проблем со комунални услуги – изградба на водовод до сите населени места во Карпош, каде сè уште нема, за секој да го ужива правото на чиста вода за пиење. Изградба на канализација во оние делови каде нема. Пречистителни станици кои не се во функција, враќање во функција и поставување нови. Исклучување на диво поставени канализациони цевки, како примерот во Трнодол од страна на одредени жители на Шпанско село, каде цевката се излева директно во дол на Водно, ја загадува почвата и водите и предизвикува смрдеа. Улугите кои ги плаќаат граѓаните мора да бидат достапни, без разлика дали централната, градската и локалната власт се од истиот табор, (она што кандидатите на власта многу лесно го ставаат како свој адут во кампањата а всушност е уцена ), секој мора да си ја извршува својата функција согласно законот и за секој вид на опструкција ќе преземаме законски активности за санкционирање.

Проблемот со паркинзите –  ќе се решава во согласност со барањето на локалните жители, дали рапми, зонско паркирање, ќе се провери користењето на сите постоечки гаражи. Многу од нив се претворени во дуќани, магацини а автомобилите се на улица и по тротоари. 

Не се согласуваме дека проблемот треба да се решава со катни гаражи и стимулирање на што повеќе паркинг места, а притоа дозволувајќи огромни градби во нивна близина. Проверка на сите изградени објекти во однос на предвидени паркинг места и нивна злоупотреба.

Услугите на граѓаните од Општината – нема шетање по институции заради ненадлежност, сите проблеми на граѓаните мора да бидат одговорени и проследени до институцијата која е надлежна. Активно вклучување на граѓаните во подобрување на состојбите на терен со навремено и доследно реагирање и постапување по сите пријавени проблеми и неправилности.

Проблем со бездомни животни – превенирање од носење и оставање на бездомни животни од други места. Соработка со повеќе шелтери за нивно заловување.

Пристапни тротоари за сите, безбедни улици – веќе спомнав во претходното прашање.

  • Периодов граѓаните на Скопје повторно дишеа загаден воздух поради пожарите во дивите депонии кај Вардариште, депонијата Дрисла а потоа и пожарот во Трубарево. Какви мерки треба да се преземат за да се решат проблемите со дивите депонии и управувањето со отпадот?

Расчистување на сите диви депонии и нивно 24ч. надгледување, редовни инспекциски контроли на регистрирани загадувачи но и на места каде се одвиваат нелегални активности кои влијаат врз загадувањето на воздухот. Како дел од О2 Иницијатива веќе имаме барање за Дрисла, итно инвестирање и започнување на трансформација во центар за управување со отпад по пример на Љубљана, каде помлаку од 5% од отпадот ќе се депонира, Вардариште итно започнување со изработка на студија на варијанта за дислоцирање на отпадот, проектна документација за започнување на санација и ремедијација, инспекција на сите складишта за отпад и објекти за негова обработка на територија на општината и нивна дислокација вон населени места, како што налага законот. Веќе имаме поднесено до МЖСПП и Владата барање за измена на сите правилници за управување со отпад и нивно усогласување и јасно наведување локација над 1 км од населено место, со автоматска противпожарна заштита, објекти изграден од незапалив материјал. И понатака преку ЗЕЛС ќе поднесувам барање за измени и корекции на закони со цел поефикасно работење на локалната самоуправа и решавање на проблемите на граѓаните

  • Независните во Карпош во изминативе години се жалеа на низа опструкции но и притисоци при работата во Советот. Кои беа главните предизвици и како ќе ги надминете?

Уште на една од привте седници на Совет успеавме да ги обединиме сите советници од сите партии против нас – потпишани на едно соопштение од општина – Граѓаните на Карпош да не ни веруваат зошто сме манипулирале. Многу симпатично направија контраефект. Општинската страна е злоупотребена многу пати за пресметка со советници кои не се во согласност со ставовите на градоначалникот и тоа не смее понатака да се случува. Една од првите активности ќе биде ревизија на работењето на секторите за урбанизам и инспекција, за текот на целиот мандат имаме сознанија за незаконски градби а не можевме да добиеме увид во предметите ниту па градежниот инспектор реагираше, напротив имаме многу поплаки и забелешки на работењето на градежниот инспектор и кога јавно ги кажувавме бевме обвинети за мобинг. Има многу добри професионалци кои совесно си ја завршуваат својата работа но според бројот на вработени сметам дека мора да има функционална анализа и да се направи прераспределба на кадар во сектори каде има најмногу потреба.

  • Дали независните кандидати ќе им ги поматат сметките на големите партии на локалните избори?

Минатите 4 години мандат, покажавме дека и 2 советника се доволни да се направат промени. Некои промени се видливи во однос на донесени одлуки за кои се залагавме и не прекинувавме додека не успеавме да се усвојат пр. Пренос на седниците во живо на општинскиот youtube канал. Редовно алармиравме и известувавме за работи што се случуваат и на комисии, па одредени во однос на реакциите на граѓаните, го менуваа ставот при гласање. Иако многу пати бевме обвинети, работите и пазарите за дополнителен глас, ги кажувавме онакви какви што се, без калкулации и популизам. Останавме доследни на нашите ставови и покрај притисоците кои ни беа правени. Тоа што останавме независни и покрај сите препреки кои ни ги поставија пред овие локални избори покажуваме дека делуваме без било каква финансиска зависност и потреба за трошење пари на народот за кампањи, имаме дела позади нас и не излегуваме за борба за гласови кои носат пари на нашите сметки, туку излегуваме на избори да направиме вистински промени, похрабро, поефикасно и принципиелно.

Разговараше: Кристина Озимец

Слични вести