ГАЛЕРИЈА Се продава најлуксузниот апартман во Скопје според ,,Форбс’’: Се преселивме во Австралија поради преголеми неправди од системот, затоа го продаваме!

by Fokus

Според светски познатото списание ,,Форбс’’ во Скопје се наоѓа еден од најлуксузните и уникатни апартмани во светот.

Станува збор за неверојатно уметничко дело, инспирирано од сликарот Салвадор Дали, дуплекс со една спална соба, со приватен лифт и паркинг, во сопственост на Зоран Илиев, познат помеѓу скопјани како Роџер. Апартманот е дел од комплекс, односно куќа со три ексклузивни апартмани, каде секој милиметар претставува патување низ времето, спој на различни стилови, мистика…

Целиот комплекс бил завршен во 2006 година, а за да го добие саканиот резултат на Илиев му биле потребни околу шест години. Сепак, и покрај признанието од ,,Форбс’’, вложениот труд и љубов за да си го оствари сонот и со семејството, сопругата, трите сина и ќерката да живее во овој необичен дом уреден како во бајка, тој го продава целиот комплекс. Вели дека веќе 18 месеци со семејството живее во Австралија и со горчина тврди дека не планира да се враќа назад во Македонија.

-Со цела фамилија, сме иселени веќе 18 месеци и затоа се продава целиот објект. Тажна приказна е тоа што ни се случи во Македонија… Едноставно системот не не прифати. Гости доаѓаа во апартманите од целиот свет, и кога ќе им ја раскажев приказната се потпишуваа во книга. Некои доаѓаа само за да ги видат апартманите. За жал, сега нема кој да им ја раскаже приказната и повеќе не се потпишуваат. Само се воодушевуваат, не знаејќи што всушност претставува она што го гледаат. Нема странец кој не се воодушевил, велејќи дека такво нешто во светот не постои!
Жал ми е и за ,,Форбс’’, кои се воодушевени само од уникатот, и не го дознале значењето на сето ова. Куќата е направена за Македонија, но не е приметена. Моја желба беше да биде музеј – ја започна својата приказна скопјанецот кој посветил долги години од својот живот создавајќи ги уметничките дела кои го красат просторот, а денес го нуди на продажба својот животен уметнички сон.

-Кога доаѓаа гости во апартманите, некои беа воодушевени до таа мера, што ме гушкаа велејќи – Вистина е, ова постои, мислевме дека е лага! Потоа сакаа да знаат зошто сум го направил и што претставуваат тие уметнички дела внатре и од надвор.

Приказната започнува во коренот, и пораката во него, која е заклучена и без катанец не може да се види. Од коренот расте дрвото на животот во кое патувате со лифтот. Од секоја гранка на дрвото се прави балкон кој има порака во гранките која се чита во посебни денови со посебно светло, така дрвото влегува во куќата и оди во рајот над кој е Исус Христос со ангелите чувари. Дрвото е изработено од железо и целото е дел од куќата – раскажува Илиев кој не крие дека за создавањето на ова дело му биле потребни повеќе од милион евра.

-Направено е видео за објектот од кое може да се види дека надворешно куќата ги спојува старото време со симболите од стариот завет, времето денес со куполата од Бакер, каде во внатрешноста е изработен рајот, и идното време со усуканиот кров. Сите се крунисани со круна на врвот, за да остане вечно за Македонија. Тоа е само мал дел од приказната… А приказната зошто се иселивме од Македонија е голема… Повеќе сме избркани од системот со преголеми неправди какви нема никаде во светот! Тие што знаат што ни се случи – разбираат – раскажа Роџер, кој својата визија успеал да ја претвори во реалност, за да денес со горчина го нуди на продажба фасцинантното архитектонско и уметничко дело.

Фотограф: Васе АМАНИТО

Вики Клинчарова

Поврзани новости