ГАЛЕРИЈА: МРТ плива во ѓубре додека се чека нова фирма за чистење

by fokus 12:21
12:21

Преполнети корпи за ѓубре, неисчистени плочки, празни шишиња од пиво и пикавци – ваква е сликата ходниците на Македонската радиотелевизија деновиве.

Зградата на Македонската радиотелевизија е преплавена во ѓубре, откако се избира фирмата која на аукција понудила најниска цена, а истекол договорот на фирмата „Бапал Благој“, која добивала неколку тендери за чистење претходно.

Директорот на МРТ, Марјан Цветковски во изјава за Фокус рече дека тој е директор и не ги знае целосно техничките работи, но потврди дека во тек е избор на фирма  со која ќе се потпише нов договор бидејќи стариот истекол.

-Во тек е постапка на потпишување на договор за чистење на МРТ со фирма што понудија најниска сума на аукцијата. До стапување на сила, сите обврски ќе ги превземе секторот за логистика, рече Цветковски.

Инаку, фирмата Бапал Благој ДООЕЛ е истата која го доби тендерот за чистење и одржување на Собранието откако истече договорот на Секјуриком, фирмата омилена за тендери на претходната власт, чиј сопствени се соочува со кривична пријава за тендерите со Службата за општи и заеднички работи во времето кога директор беше Васе Доневски, а е вмешана и во најобемниот случај на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“, за начинот на кој Секјуриком ја финансирала кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Бапал Благој“ во изминатите години имала потпишано договор со неколку државни институции и општини, но нивниот број расте од 2017 година.

Александар Тодески

 

Поврзани новости