Габриел Бајрам, син на починатиот пратеник Амди Бајрам и актуелен советник во Град Скопје заедно со син му Валентин Бајрам го нападналe шанкерот на роденденска прослава во ресторанот „Аквадукт“, бидејќи не сакал да му даде чинии за кршење.
За Бајрам и неговиот син скопското обвинителство отвори постапка под сомнение дека сториле кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според Обвинителството, шанкерот одбил да му даде на Бајрам чинии за кршење, па тој отишол кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на шанкерот.
-Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцовки и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот, соопштија од обвинителството.
Обвинителот доставил предлог за определување на мерка притвор.
-Постои опасност да се даде во бегство или да го повтори делото, со оглед дека се работи за лице кое и претходно е осудувано за повеќе слични кривични дела. Исто така, постои и опасност осомничениот да му се заканува или да го нападне оштетениот во обид да го принуди да го смени исказот. За неговиот 21-годишен син, пак, предложени се мерки на претпазливост, соопштија од Обвинителството.
Судија на претходна постапка му одреди притвор на Габриел Бајрам во траење од осум дена.