Габер: Уставен погреши и за ДУП-овите на општина Центар

by lali

Уставната судијка Наташа Габер Дамјановска напиша уште едно издвоено мислење со кое одново промлематизира Решение на судот, овој пат одлуката да се отфрли иницијативата на градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, со која тој ги оспори општинските одлуки кои се однесуваат на Деталните урбанизтички планови за неколку локации, вклучително и делови од Водно.

(Целото мислење тука)

Уставниот суд објасни дека не е надлежен мериторно да се впушта во оценка на одлуките и решенијата за урбанизам на општината. Но Габер има сосема спротивно мислење затоа што верува дека Уставниот суд е должен мериторно да го земе предметот во разгледување и да изгради доследен став, со оглед на елементите и информациите содржани во иницијативата. Во рамките на веќе уставно утврдените надлежности, Судот има дополнително потврдена таква имплицитна обврска да ги разреши евентуалните дилеми околу уставноста и законитоста на прописите кои се носат од страна на локалната самоуправа.

Дополнително, пишува Габер, изненадува фактот што и покрај тоа што иницијаторот бара да се оценува и уставноста и законитоста на оспорените одлуки, Судот во Решението се осврнува единствено на оценување на законитоста на овие акти, а каков било коментар по однос на уставноста нема.

Габер понатаму прави анализа во Издвоеното мислење:

„Конкретно, оспорените Одлуки кои биле гласани на 23-тата седница на Советот на Општина Центар на 18.07.2014, со оглед на тоа дека не го добиле потребното апсолутно мнзинство гласови од Советот (од вкупно 23 советници на општината при гласањето присутни биле 12 советници, од кои “за“ гласале 11, додека 1 гласал “против“) сметам дека не се воопшто донесени согласно Закон, што значи дека тие се правно ништовни, односно не постојат во правниот поредок. Сепак, овие Одлуки Советот на Општина Центар ги смета за донесени, а Претседавачот на Советот ги потпишува и проследува до Градоначалникот на општината. Бидејќи Градоначалникот постапува според член 51 став 1, на 04.08.2014 на 24-тата седница на Советот на Општина Центар решавал по решенијата за запирање на објавувањето на претходно наведените две оспорени одлуки, при што повторно не е добиено апсолутно мнозинство за неприфаќање на тие решенија, со оглед на тоа дека 11 советници се изјасниле “за“ предлогот, 11 “против“ и 1 советник бил “воздржан“. Повторно, и покрај оваа фактичка состојба на постоење еднаков број на гласови “за“ и “против“, Претседавачот на Советот ги потпишува двете Одлуки од 04.08.2014 со кои не се прифаќаат Решенијата за запирање на објавувањето на Одлуките од 18.07.2014 година. Сметам дека при првото гласање се работи за погрешно толкување на законот по однос на потребното мозинство за донесување на актот, а при второто гласање освен повторното погрешно толкување, се јавува и нов незаконски апсурд на фаворизирано давање предност на една група на гласови (11) наспроти бројно идентична друга група на гласови (повторно 11) и покрај тоа што de facto се работи за нерешена состојба.

Заради погоре наведените причини, сметам дека задача на Уставниот суд беше да се фокусира на прашањето дали оспорените прописи воопшто се наоѓаат во правниот поредок или не и соодветно да се произнесе. Како одговор на ова правно прашање, сметам дека е повеќе од јасно дека оспорените акти не го добиле законски потребното мнозинство на гласови за да бидат правосилно донесени, што значи дека тие не постојат во правниот поредок, како такви не можат да произведуваат правно дејство, врз нивна основа не можат да се носат (издаваат) индивидуални акти и ништовно е секое правно дејствие кое ќе произлезе од нив“.

Со ова издвоено мислење Габер одново ја отоври деилмата какви решенија носи Уставниот суд и колку тие може да опстанат во правниот поредок на државата. Практично, последната година, единствено оваа судијка се решава да напише нешто издвоено и да предупреди дека Уставниот суд може, ако сака, да постапи и поинаку, па дури и да донесе поинакви или спротивни одлуки на тие што ги носи.

 

Поврзани новости