ФЗО од денес работи, но штрајкот не е прекинат, туку е ставен во мирување

by Fokus

Вработените во ФЗО од денес се враќаат на работа, по синоќешната препорака на Владата платата да не им се намали.

Сепак, штрајкот не го прекинуваат, туку го ставаат во мирување.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ , Трпе Деаноски, објасни дека штрајкот е во мирување бидејќи одлуката да се задржат декемвриските плати, не важи до крајот на годината туку до крајот на мај.

„Штрајкот е во мирување, не е во прекин. Да беше одлуката на Управниот одбор до 31.12. 2024 штрајкот ќе го прекиневме. Тоа мора да биде на овој начин направено бидејќи ќе чекаат да се завршат изборите па да има ребаланс на буџетот. Со ребаланс на буџетот и во државата и во Фондот за здравство, ќе се донесе нова вредност на бодот, која ние ќе инсистираме да биде исто како што е сега, 77,16 денари вредност за еден бод. Штрајкот е во мирување, може да се активира во кое било време доколку се донесе одлука за помала вредност на бодот. Не би сакал да верувам дека ќе дојде до тоа. Очекуваме да не дојде, но нашиот народ, како велиме, ‘дува и на матеница’ така да ќе бидеме спремни да продолжи штрајкот ако дојде до несакана одлука“, рече Деаноски.

Претседателот на Синдикатот на Фондот за здравствено осигурување, Бранко Аџигогов, кој во понеделникот јавно ја искритикува Владата за препораката од почетокот на годинава да им се намалат платите, денес јавно го пофали техничкиот премиер.

„Јавно го пофалувам техничкиот премиер, оваа одлука беше најразумната што можеше да се донесе“, рече Аџигогов.

Поврзани новости