ФРОДЕМ: Лазаров е вистински вмровец, без разлика што во партијата го етикетираат како предавник

by fokus

Фронтот за Демократска Македонија – ФРОДЕМ ја поздравува, како што велат од таму, високо моралната одлука за признавање на вина на Томислав Лазаров, четвртообвинет во предметот „Насилство во Центар“. Само достоинствен политичар, посочуваат од таму, и човек кој има морал може јавно да ја признае направената грешка дури и по цена на драконска казна.

Чинот на признавање на вината како и прифаќање на казната е рамно на извинување до оштетените како и до целата јавност за несвесно направениот потег. Без разлика што партиските подлизурковци и амали на туѓиот срам од најблиското опкружување на Груевски се обидуваат (по налог) овој човек да го етикетираат како „предавник“, македонската поширока јавност ќе го запамети како репрезент на една голема гарнитура на вмровски чесни и доблесни политичари. Вистински вмровец и македонски патриот е човек кој е храбар и искрен и во добро и во зло и кога носи исправни одлуки и кога признава дека згрешил“, се вели во соопштението од ФРОДЕМ.

Оттаму оценуваат дека со овој чин се покажува оти поминало времето кога, како што велат, лагите, навредите, клеветите, манипулациите и невидените гадости биле секојдневна етика и доминантен начин на однесување.

„Груевски и целата партиската врхушка продолжувааат и понатаму со евтините и бедни лаги и манипулации да ја навредуваат интелегенцијата на чесните членови на ВМРО-ДПМНЕ, но и на граѓаните на оваа наша држава. За разлика од Груевски кој секогаш за секое сторено зло и криминал се крие зад членството и поединци, советникот Лазаров покажа како се обелува сопствениот, но и образот на останатите чесните членови на партијата“, се додава во соопштението.

Од ФРОДЕМ ги повикуваат сите свесно и несвесно вовлечени партиски членови во криминалниот лавиринт да го следат примерот на Лазаров и да престанат да ги бранат криминалците во сопствените редови и да се охрабрат и да го свртат грбот на криминалот и злото.

„Не е херој и патриот оној кој се жртвува за спас на кожата на излитениот и извалкан, по сите основи, лидер на партијата. Таквите наводни „саможртви“ и верни слугувачи секогаш завршуваат на буништето на историјата и како жртви во низата бескурпулозно свесно жртвувани сопартијци токму од оној кој го штитат и се обидуваат да ја покријат и релативизираат неговата одговорност и вина“, пишува ФРОДЕМ во соопштението.

 

Поврзани новости