Францускиот суд го ослободи Рамуш Харадинај

by fokus

Апелацискиот суд во Колмар, Франција го одби барањето на Србија за екстрадиција на поренашниот командант на ОВК, Рамуш Харадинај. Судот во Колмар денеска донесе одлука да го ослободи лидерот на Алијансата за иднината на Косово.

Апелацискиот суд во Колмар ѝ се обрати на јавноста со соопштение во кое наведува дека дал негативно мислење по повод барањето на Харадинај да биде екстрадиран во Србија.

Францускиот јавен обвинител има право во рок од пет дена да ја обжали одлуката до Врховниот суд.

Харадинај е ослободен и во рок од 24 часа може да се врати на Косово, а Србија повеќе не може да ја обжали одлуката за негово ослободување.

По добивањето на ослободителната пресуда, Харадинај рекол дека тоа е „победа на Албанците“ и дека тој како слободен човек ќе се врати дома.

Рамуш Харадинај беше уапсен на 4 јануари на границата помеѓу Швајцарија и Франција по потеницата која по него ја има распишано Србија.

На поранешниот командант на ОВК, во 2012 година му беше судено во Трибуналот во Хаг, но тој беше ослободен од сите обвиненија.

Србија го бара Харадинај поради сомнеж дека извршил кривични дела против цивилното население на Косово и Метохија, во периодот од 1998 до 1999 година.

Поврзани новости