ФОТО Мостовите и галиите го попречуваат течението на Вардар, Градот се спрема за долга ноќ

by fokus

Три критични точки се регистрирани во коритото на реката Вардар, каде постои опасност од нејзино излевање. Поради обилните дождови водата веќе се излеала од малото во големото корито на потегот од скејтпаркот до мостот „Слобода“ кај „Холидеј ин“, а опасност од излевање има под зградата на ПИОМ и во Долно Лисиче, каде што завршува регулацијата на реката Вардар.

Од Штабот за заштита и спасување на Град Скопје велат дека на протокот на водата особено влијаат градбите од „Скопје 2014“.

-Градбите и градежните активности што се дел од проектот „Скопје 2014“, а се преземаат во коритото  на реката на потегот од мостот „Гоце Делчев“ до Камениот мост, видливо ја намалуваат проточноста на коритото и создаваат проблеми при надојдена вода – вели Емил Дуровиќ, началникот на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје.

Градот подготвува околу 10.000 вреќи со песок за справување со надојдената вода. Дел од нив веќе се поставуваат на критичните точки: на потегот од скејтпаркот до мостот „Слобода“ кај „Холидеј ин“ и кај ПИОМ. Во текот на ноќта се очекуваат уште поинтензивни врнежи.

-Работници од јавните градски претпријатија со механизација веќе се на терен и го санираат насипот меѓу Горно и Долно Лисиче, кај железничкиот мост, кој што пред две години го подигнаа екипите на ЈП „Улици и патишта“, а кој во меѓувреме беше уништен од несовесни граѓани на должина од 150-200 метри. Подготвени се и пумпи за исцрпување вода, и тоа 4 големи пумпи со капацитет од 8.700 литри вода/минута, како и 40-тина помали пумпи, кои ќе се стават во функција ако за тоа се јави потреба. Штабот за заштита и спасување на Град Скопје ќе дежура во текот на 24 часа и ќе ја следи состојбата на теренот, во соработка со Регионалниот центар за управување со кризи. Сакаме да нагласиме дека Градот Скопје е подготвен да се справи со оваа состојба и дека нема место за паника – изјави Дуровиќ.

 

 

Поврзани новости