ФОТО Месното население на протест во Чифлиг, Демир Капија, против изградба на спорна хидроцентрала: Не дозволуваме уништување на еко системот!

by Fokus

Дел од месното население на село Чифлик, Демир Капија и еколошкото друштво ,,Еко Чифлик’’ вчера одржаа мирен протест против најавена изградба на хидроцентрала на реката Дошница.

Според нив, изградбата на спорната хидроцентрала е проследена со низа нерегуларности, и може да предизвика еколошка катастрофа, бидејќи ќе значи замирање на многуте бунари, потоци и извори, чија вода се користи за наводнување и пиење. Освен тоа, стравуваат дека ќе биде загрозено и природното живеалиште на над 130 видови на птици, но и на речниот животински свет, како што се пастрмките и водните ракови.

Според жителите кои протестираа вчера, се работи за една недопрена природна убавина, но веќе се започнало со подготовки на теренот за изградба на хидроцентралата, и дел од столетните дрва веќе биле исечени. Тие добиле сознанија дека треба да пристигне и механизацијата и да се отпочне со работа на теренот, па велат дека секојдневно започнале да чуваат стража, и нема да дозволат уништување на овој природен резерват, но и на еко системот во ова поднебје.

,,Сакаме да известиме дека жителите на село Чифлиг, Демир Капија се соочени со изградба на несоодветна хидроцентрала на река Дошница, која е од суштинско значење за опстанокот на селото. Реката Дошница која со својот тек поминува низ селото е главна причина за постоење на многуте бунари, потоци и извори, кои освен за наводнување, на места се користат и за пиење. Покрај тоа, реката изобилува и со животински свет, како што е речната пастрмка и речниот рак. Покрај нејзиното течение се создадени услови за богат растителен свет, а исто така претставува и живеалиште на над 130 видови на птици. Сметаме дека предвидениот минимум од 10% од течението на реката нема да биде доволен за одржување на оваа флора и фауна, и ќе предизвика нарушување на целокупниот еко систем’’ – вели Илија Ѓорѓиев, претседател на еколошкото друштво.

Тој додава дека покрај загриженоста за опстанок на растителниот и животински свет, месното население има сознанија и за низа правни нерегуларности околу предвидената изградба на хидроцентралата.

,,Не е спроведена консултација со најзасегнатата страна, а тоа е месното население.

Еколошкото друштво ,,Еко Чифлиг’’ има поднесено петиција со потписи на мнозинство од жителите уште на 01.11.2016 година за спречување на изградбата до Општина Демир Капија. Баравме увид во целокупната документација за овој проект, но и по повеќе од една година не добивме одговор. Според договорот за ЈПП рокот за отпочнување на производство на електрична енергија е 27.12.2017 година, односно три години по потпишувањето на договорот. До сега, изградбата не е започната, отпочната е само сеча на столетни дрва и расчистување на теренот. Јавно ги прашуваме инвеститорот и изведувачот, како планираат да го изведат овој комплексен проект за помалку од два месеци? Бараме јасен одговор за тоа како еден од потпишаните на овој договор, Водостопанство Тиквеш – Кавадарци, планира да отпочне дејност за производство на електрична енергија, а истиот тој субјект не постои? Воедно, апелира до сите надлежни институции веднаш да ги преземат неопходните мерки и да ја спречат изградбата на оваа хидроцентрала,, – апелираат од еколошкото друштво, но и од месното население, потенцирајќи дека ќе продолжат со дежурства на теренот и нема да дозволат да се донесе механизација на спорното место.

Договорот кој што од ,,Еко Чифлиг’’ го доставија до нашата редакција, а е склучен во 2014 година за повеќенаменско користење на водните ресурси на реката Дошница, поточно во атарот на село Бунар Чифлиг, е помеѓу Водостопанство Тиквеш – Кавадарци и Електро – Тек ДОО Скопје. Водостопанство Тиквеш – Кавадарци е наведено како јавен партнер, додека Електро – Тек ДОО Скопје се води како приватен партнер.

Ни доставија и фотографии од самото место од пред да започне сечата на дрвата, и фотографии на кои се гледа соголеното место и исечените дрва.

Лазар Петров,новиот градоначалник на Општина Демир Капија вели дека е запознат со случајот и барањата на месното население.

,,Јас сум голем поборник за зачувување на природните богатства и за една здрава еко средина. Токму поради тоа, месното население и еколошкото друштво ја има мојата поддршка. Информирам дека ќе се направи ревизија на целиот проект, а исто така во најскоро време ќе се свика и состанок со инвеститорите и месното население. Секој проблем мора да се решава заеднички,’’- изјави Петров.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости