Слободанка Алексовска дала отказ од Агенцијата за вработување

by fokus

Поранешната советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Слободанка Алексовска, дала отказ од Агенцијата за вработување каде до промена на власта ја извршуваше функцијата раководител на Центарот за вработување на Град Скопје. Отказот на Алексовска следи по внатрешната ревизија во Агенцијата која утврди дека наводно Алексовска набавувала производи за свои лични потреби на сметка на Центарот за вработување. Случај што стана познат по набавката на јајца од потполошка со државни пари.

Од Агенцијата потврдуваат дека на Алексовска ќе и биде прекинат работниот однос по нејзино барање. Поранешната раководителка прво испратила писмо дека го прекинува боледувањето, а веднаш потоа и поднела барање за раскинување на договорот.

„На ден 31.10.2017 година, вработената Слободанка Алексовска поднесе писмено барање веднаш да и престане работниот однос и да биде одјавена од задолжително социјално осигурување. АВРМ постапувајќи по барањето, а согласно позитивните законски прописи, на ден 01.11.2017 година донесе решение за престанок на работен однос, по истек на отказен рок од 30 дена, односно заклучно со 30.11.2017 година“, велат од Агенцијата.

Како што обелодени директорката на Агенцијата, ревизијата покажала дека Алексовска со средства од буџетот на Агенцијата купувала машки чорапи, влажни марамчиња, козметика, аутан, спрејови, млеко за тело, смоки, цигари, мешан кашкавал и јајца од јапонска потполошка, напитоци од соја, гумени бонбони, свежа риба лосос и лаврак, сувомесни производи, овошје, фстаци и други јаткасти производи. На овој начин биле злоупотребени над 9.000 евра.

Од овие причини Алексовска беше суспендирана од работното место, за што се пожали пред Државната комисија за спречување на корупција. За нејзиното деградирање од работната позиција по распишување на изборите, Антикорупциска донесе решение дека е повреден Избирачкиот законик и побара од Агенцијата да ја врати Алексовска на старото место. Од Агенцијата, пак, го одбија извршувањето на решението затоа што поранешната советничка на ВМРО-ДПМНЕ се уште беше под суспензија.

Против Алексовска се води и постапка во МВР во врска со пријава за кражба на хард диск од Агенцијата за вработување. Таа тврди дека врз неа се врши политички реваншизам.

Поврзани новости