Филипче: Подготовка во 16 болници за есенскиот бран од Ковид-19

by fokus

Веќе на почетокот на август ќе започне да се подготвува ГОБ „8 септември“ со цел постепено да се враќа и другата патологија што вообичаено се третира во оваа болница за да не се создаваат долги листи на чекање, најави министерот Венко Филипче во изјава за Канал 5.

Тој најави и подготовката на 16 болници ширум земјата за есенскиот бран во однос на инфраструктурата, медицинската опрема, лабораториите и кадарот.

„Подготвен е планот за надградување на капацитетите на болниците за есенските месеци. На почеток на август ќе ги почнеме и тие процеси, а тоа значи дека секоја од 16-те болници ќе добие монтажна амбуланта и мини одделение, каде ќе бидат сместени тие пациенти за целосно физички да се одделат пациентите болни од КОВИД и евентуално и други инфективни заболувања од останатите пациенти од постојните болници за да можат тие објекти нормално да функционираат.“ – изјави Филипче.

Во рамки на подготовките Филипче најави и надградување на лабораториите во сите градови за брзи PSR тестови, како и зајакнување на медицинскиот персонал со млади лекари.

„Се надевам дека нема да има нов бран, но ние мора да се подготвуваме, во таа насока е и надградувањето на лабораториските капацитети во секој град за брз PSR тест и во текот на вчерашниот ден имавме состанок со младите лекари коишто добија лиценца за работа минатата недела. Тие треба да почнат со работа, согласно измената на Законот да добијат платено загарантирано работно место, дел од нив веќе покажаа интерес да бидат дел од тимовите во инфективните одделенија и клиники и паралелно на сето тоа почнуваме и процес на обезбедување финансии за нивно трајно вработување. Ова е план кој означува зајакнување и на инфраструктурата, и на медицинската опрема, како и на лабораториите и на кадарот.“ – истакна Филипче.

Поврзани новости