Легендарниот саксофонист и кларинетист Ферус Мустафов ќе биде погребан денес, во 14 часот на гробиштата Камник, во Скопје, за „Фокус” потврди неговиот внук, музичарот Ферчо Мустафов.
Вчера, кога беше објавена веста дека Мустафов починал по доживеаниот мозочен удар, во повеќе медиуми беше пренесена изјава на неговата сопруга Јелена, дека тој ќе биде погребан во родниот Штип, каде и живееше последните години од својот живот.
-Точната информација е дека дедо ми Ферус ќе биде погребан денес во Скопје – кратко порача неговиот внук.
Со легендарниот музичар кој почина на 72-годишна возраст, на социјалните мрежи се прости целата естрада. Тој беше доста популарен во целиот регион, и зад себе има над 20 музички албуми и бројни концерти во многу земји.
Потекнува од музичко семејство од Штип, а во последното интервју за „Фокус” раскажа дека со сопругата Јелена и ќерката Мелек се вратил да живее во Штип.
Од првата сопруга Лиле со која беше во брак околу 35 години има син, ќерка и внуци.
Вики Клинчарова