Снабдувањето со вакцини од април може да се зголеми двојно што би значело околу 100 милиони дози месечно во вториот квартал од годинава, се очекувањата кои ги изнесе претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во интервју за весникот „Стандард“.
Таа смета и дека треба да се скрати процесот на одобрување на вакцините на тој начин што побрзо ќе се разменуваат податоците.
-Редовната вакцинација против коронавирусот и неговите мутации може да станат нормалност на долг рок, како што сме навикнати против грипот, рече претседателката на Европската комисија.
Лајен предупредува и на предвремениот оптимизам поради новите мутации на вирусот.
-Најверојатно, ќе треба долго време да се справуваме со овој вирус на глобално ниво, но работиме со сите сили со цел што е можно побрзо да се излезе од кризата што ги оптоварува луѓето, објасни таа.
Таа рече дека ЕУ е загрижена поради новите мутации, додавајќи дека постојните вакцини делуваат добро, но оти е можно во секој момент да се појави нова мутација, која може да биде отпорна на сегашните вакцини.