ЕСМ објаснува зошто спроведе итна постапка за ископ во РЕК

На преговори беа поканети 5 економски оператори, а 4 се одзваа на повикот, велат од државната компанија за Фокус, без да откријат за кои компании станува збор.

by Фокус

Владата ја задолжила АД ЕСМ во периодот јануари-јуни 2022 година, наместо законски предвидените 60 проценти, да обезбеди 100 проценти од потребното количество електрична енергија за универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, кој ги снабдува со струја домаќинствата и малите потрошувачи.

Вака од државната компанија за производство на струја за Фокус ја објаснуваат одлуката да склучат спогодба за ископ на јаглен и технички решенија за заштита на копот вредна 19 милиони, и тоа по пат на непосредни преговори, без претходно објавување на оглас.

„Обезбедени се и дополнителни финансиски средства за зголемување на ископот во рудниците на АД ЕСМ во Битола и Осломеј со цел да се обезбеди јаглен како единствен ресурс за производство на струја од овие капацитети, како и мазут за ТЕЦ Неготино“, стои во одговорот што го добивме од ЕСМ.

Патем, од таму додаваат дека за спроведувањето на итна постапка за ископ на јаглен во Рудникот ПЈС на РЕК Битола обезбедиле согласност за спроведување на постапката од страна на Бирото за јавни набавки.

„И покрај законската можност постапката да биде спроведена со само еден економски оператор, во духот на транспарентноста и со цел постигнување на што пониска цена за услугата, за учество во постапката беа поканети 5 економски оператори, од кои 4 се одзваа на повикот“, истакнуваат од државната компанија.

ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА

Согласно законските одредби, појаснуваат од таму, изборот на повиканите компании се направил врз основа на нивните минати перформанси при ист или сличен ангажман во комбинатот, а на крајот била избрана економски најдобрата понуда.

„По потпишувањето на договорот, избраниот економски оператор веднаш започна со исполнување на договорните обврски со цел РЕК Битола и АД ЕСМ да обезбедат доволни количини на јаглен за континуирано производство на струја, особено во месеците јануари, февруари и март“, велат од ЕСМ.

Тоа, според нив, претставува обид за ублажување на последиците од енергетската криза што ја зафати Европа, со единствена намера, како што посочуваат, преку сопствено производство земјата да не биде приморана да набавува електрична енергија по енормни цени кои се актуелни на берзите.

„Паралелно со овие активности за зголемување на ископот на јаглен во сопствените рудници, АД ЕСМ продолжува со обидите за обезбедување на јаглен од рудници во земјава и странство, преку повикот кој ќе биде отворен во текот на целата 2022 година“, нагласуваат од ЕСМ.

БЕЛОРУСКИ КОНЗУЛ

Како што објави Фокус, АД ЕСМ или поранешно ЕЛЕМ склучи спогодба и договор во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас со Марковски Компани, во вредност од 1,5 милијарди денари или скоро 19 милиони евра.

Среде криза, ЕСМ склучи непосредна спогодба тешка 19 милиони евра

Се работи за рамковна спогодба со еден економски оператор за период од 12 месеци, која се однесува за „проширување на изработка на усек за раздвојување во ПК ПЈС“, врз основа на која, пак, потоа е склучен и договор меѓу АД ЕСМ и Марковски Компани.

Од објавените информации произлегува дека договорниот орган на преговори повикал вкупно 4 компании, односно избраниот економски оператор „победил“ во конкуренција на 3 други фирми, меѓутоа не е наведено за кои компании станува збор.

Меѓу другото, од АД ЕСМ побаравме одговор кои се компаниите што биле повикани и позитивни одговориле на повикот за преговори, но таква информација не добивме.

Во однос на избраната компанија, пишувавме дека Марковски Компани е во сопственост на Борче Марковски, кој своевремено се врати во земјава по неколкугодишен престој во Србија, а во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија.

По тој повод, се случи едно од ретките појавувања на Марковски во јавноста, кога порача дека ќе даде максимален придонес за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете држави.

Која е фирмата што директно доби тендер од ЕСМ вреден 19 милиони евра?

ПОДЕМ СО ТЕНДЕРИ

Оваа фирма доживува подем во 2012 година, кога впрочем почнува да добива тендери. Непосредно пред политичките промени на средината на 2017 година, актуелниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски ја обвини фирмата дека е блиска до Сашо Мијалков.

Но, Марковски Компани продолжи да добива тендери од ЕСМ/ЕЛЕМ и по промената на власта и раководството на државната компанија за производство на струја, па дури во овој период го зголеми растот.

Па, само во последните 12 месеци, компанијата склучила десетина договори за јавна набавка, при што на средината на годинава добила тендер за ископ на инвестициска откривка во Рудник Брод Гнеотино во вредност од над 11 милиони евра.

Потоа, двете страни во истиот период склучиле и договор за кровинска јаловина од 342 милиони денари или  5,5 милиони евра. Итн.

Во меѓувреме, за последниот договор меѓу ЕСМ и Марковски Компани реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде обвинија дека милионски договор во 4 очи се склучува во време на енергетска криза и додека се пуштаат работници на прунуден одмор.

В.С.

Поврзани новости